Варосувањето на стеблата на овошките е стара мерка. Таа има многу позитивни влијанија, односно заштита на стеблото од зимските мразеви, намалување на потенцијалот на некои болести и штетници, извесно задоцнување на будењето на пупките и друго.
Оштетувањето на стеблото од зимските мразеви настанува во ведро и студено зимско време. Во попладневните часови се загрева стеблото од југозападната страна и се зголемува сочноста на ткивата. По заоѓањето на сонцето, температурата нагло се спушта и доаѓа до одвојување на кората од дрвото и до напукнување. Со прецизни мерења е утврдено дека температурата на стеблото на Југозападната страна, попладне, е 3 до 6 пати повисока во однос на североисточната страна. Кај варосаните стебла, температурната разли- ка е незначителна и нема штетни последици. Варосувањето на стеблата се врши доцна наесен, а се повторува доцна во зимата, пред почетокот на будењето на пупките. Тоа се врши со 15-20% варно млеко, на кое се додава 1-15% син камен, претходно растворен во вода. Синиот камен го зголемува сузбивањето на повеќето болести и штетници кои презимуваат на стеблото. На поголемите овошки се варосува и долниот дел на скелетните гранки, особено чаталите, каде што презимуваат многу штетници.
Младите овошки, веднаш по садењето и во првите две-три години, може да се завиткуваат со хартија од вреќа. Таа се врзува долу и горе на стеблото. Не е дозволено да се врзува со пластични вреќи, бидејќи дење се покачува температурата под фолијата, а ноќе измрзнувањето е поголемо. Во развиените земји, стеблата на младите овошки се заштитуваат со перфорирани пластични омоти, кои штитат од глодачи, ниски и високи температури, од механички повреди и друго.
Валентина Соколовска
за Зелена берза