fbpx
Вести

Имаме квалитет, но се’ уште немаме брендови

И во годинашниот извештај на агенцијата „Валикон“, меѓу најпознатите брендови во регионот нема производи од Македонија

imame kvalitet no se ushte nemame brendovi

 

Македонските производи се’ уште тешко се пробиваат на ранг-листите за познати брендови што традиционално се изработуваат во регионот. И во годинашниов извештај на „Валикон“, една од водечките агенции за советување и испитување на пазарот на регионот на југоисточна Европа, со акцент на земјите на поранешна Југославија, меѓу најпознатите брендови нема производи од Македонија.

И годинава, првите три места ги држат „Милка“, „Кока-кола“ и „Вегета“. По нив се „Цедевита“, „Смоки“ и „Аргета“, „Орбит“, „Кокта“ и „Нивеа“, „Јана“, „Нескафе“, „Фанта“, „Јафа“, „Плазма“, „Палома“, „Ленор“, „Пепси“, „Жилет“, „Нутела“, „Аирвејс“, „Колгејт“, „Дукат“, „Сникерс“, „Ариел“ и „Тик так“. Во најновото рангирање се забележува раст на српските брендови, „Смоки“ и „Плазма“, тренд кој првпат е регистриран во 2013 година, додека „Јана“ вторпат е ставена во листата на топ 10 брендови.

Инаку, листата на „Валикон“ е составена од брендови на производи присутни во пет најголеми пазари во регионот, Србија, Македонија, Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. На последниот список на 25 најсилни брендови и оваа година нема македонски производ.

„Моќта на брендовите се пресметува врз основа на препознатливоста, искуството и нивното користење. Брендот е дефиниран како потрошувачки бренд заедно со екстензиите кои се користат за производот во рамки на одделните категории“, објаснуваат од „Валикон“. Од таму додаваат дека доколку ист бренд се користи во различни сегменти, како на пример „Милка“ – чоколадо и бисквити, силата на брендот не се пресметува заеднички за сите категории, туку посебно за секоја одделна категорија.

Истражувањето беше спроведено во септември и октомври минатата година на примерок од 1.000 до 1.500 испитаници, во зависност од земјата, а резултатите се прикажани на начин кој ја гарантира репрезентативноста на целата територија на поранешна Југославија, без Црна Гора и Косово, кои не беа опфатени во истражувањето.

Така, силата на брендот во Словенија придонесува за силата во регионот за половина од она што е на пример во Хрватска, која е двојно поголема.

Шесте главни фактори кои влијаат врз создавањето на позицијата на одделните брендови се развојот на трговијата, активностите на конкуренцијата, трендовите кои влијаат на пенетрација и фреквенцијата на потрошувачката во одделни категории и поткатегории, активностите на производителите, портфолиото на брендовите, како и односот кон таканаречените б-брендови, односно помалку стратешките брендови, кои, поради намалувањето на куповната моќ, нивните сопственици ги позиционирале подолу, но продолжуваат да инвестираат во маркетингот и продажбата.

Досега се заштитени 18 македонски производи

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое ги регистрира брендовите, велат дека бренд-листата на „Валикон“ е направена според трговски марки, а не на производи според потеклото, географската ознака или како традиционални специјалитет, за што е задолжено да издава брендови ова Министерство.

Но, додека кај нас процесот на креирање и заштита на сопствени брендови со географско потекло почна неодамна, многу производи од земјите во соседството веќе се наоѓаат и се натпреваруваат на разни меѓународни бренд-листи.

„Во Македонија лани летото се создадоа законски услови за брендирање, со донесувањето на измените во Законот за квалитет на земјоделски производи. Со нив се поедностави постапката за заштита на квалитетот и се изврши усогласување со новата ЕУ-регулатива“, велат од Министерството, каде што се вршат повеќе рангирања на производите според посебен регистар.

Додаваат дека има многу започнати, но се’ уште незавршени процедури за заштита на повеќе македонски производи според потеклото, географската ознака или како гарантиран традиционален специјалитет.

Инаку, досега се заштитени 18 македонски производи, меѓу кои се: кочанскиот ориз, тетовскиот грав, малешевското сирење, охридскиот чај и македонскиот ајвар, вината „дисан“, „велешко бело“, „којнички теран“, „бузански плавес“, „рамнички бургундец“ и „сопотско шардоне“, како и изворската вода „бадаријан“. Од неодамна е започната процедурата за заштита на географското потекло за охридската цреша, како најнов македонски бренд. Меѓу производите кои ги има само во Македонија или се подготвуваат по оригинален, стар рецепт, а кои чекаат да бидат заштитени брендови се: слаткото од диви смокви, буковскиот пипер, собра гравот, охридскиот ѓеврек, симит-погача, планинскиот чај од Галичица и други. Во Програмата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој за годинава се предвидени финансиски средства со кои ќе се финансираат 80 проценти од трошоците за воведување заштитна ознака за квалитет.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close