Се реализираат заклучоците од Мешовитиот комитет на Република Македонија и Република Србија
Граничната фитосанитарна инспекција на Република Србија на преминот Прешево од утре (недела), ќе работи 7 дена во неделата, наместо 6 дена како досега. Оваа одлука на Србија, произлезе од првиот одржан состанок на Мешовитиот комитет на Република Македонија и Република Србија. Во согласност со седницата на заедничкиот Комитетет на надлежните институции на Република Македонија и Република Србија, а во насока на отстранување на сите бариери во меѓусебната трговија, надлежните институции од Република Србија го променија работното време на фитосанитарната инспекција на граничниот премин Прешево-Табановце. На состанокот е договорено да се усогласи работното време на граничните фиросанитарни инспектори на Република Македонија и Република Србија на граничниот премин Прешево-Табановце. Во таа насока, граничната фитосанитарна инспекција на Република Србија на граничниот премин Прешево од утре (недела) ќе работи седум дена во неделата од 7 часот до 19 часот. Досега работното време беше шест дена во неделата од 7 часот до 19 часот. Српските надлежни служби информираат дека доколку се овозможат услови за ноќна работа на овој граничен премин, ќе има и 24 часовно работно време. Оваа одлука е важна за македонските извозници, кои досега не можеа да вршат извоз на производи преку овој граничен премин во недела, и беше едно од барањето од македонска страна. Комитетот на двете држави е во постојана комуникација и за останатите отворени прашања поврзани со меѓусебната трговија, се со цел да се олесни протокот на стоки помеѓу двете земји. Минатата недела се одржа првиот состанок на Мешовитиот комитет, на кој што беше договорено интензивирање на контактите во рамки на Комитетот на експертско ниво во институциите и размена на информации околу конкретни спогодби во делот на трговијата меѓу двете држави. Меѓу другото, Комитетот ќе ја преиспитува и оправданоста на маркичките на брашното, и ќе разговара за евентуално нивно укинување, доколку за тоа се согласат стопанските комори од двете страни, и од Македонија и од Србија. Македонската делегација во Комитетот ја претставуваат седум членови, претставници од Министерството за земјоделство, Царинската управа, Државниот инспекторат за земјоделство, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и стопанственици. Комитетот се формира по иницијативата што произлезе од средбата на министрите Љупчо Николовски и Расим Љајиќ во Скопје, на 7-ми месецов кога беше постигнат договор за увозот на српското брашно во земјава. Двајцата минстри донесоа неколку заклучоци, меѓу кои беше и формирањето на Мешовититот комитет, маркиците на пакувањата од 1,2 и 5 килограми, да се лепат кај производителите /извозници на брашно, а маркиците на пакувањата од 25 и 50 килограми, да се лепат во Република Македонија. Комитетот во рок од 30 дена треба да понуди системско и трајно решение за проблемот во меѓусебната трговија со брашно, за во иднина се се избегнат вакви состојби.Исто така, во рок од 30 дена од формирањето, Комитетот треба да ги нотира сите отворени прашања и да предложи решенија за отстранување на сите бариери и препреки во меѓусебната трговија. Двете држави потписници се обврзаа во потполност да ги почитуваат меѓусебните билатерални спогоди за фитосанитарна соработка и соработката во областа на безбедност на храна и ветеринарство, потпишани во 2012 година и дека во иднина нема да се применуваат било какви бариери во меѓусебната трговија со земјоделско-прехранбени производи, а ќе работат на забрзување и олеснување на процедурите на граничните премини, со што би се спречиле долги задржувања и би се овозможил брз проток на стоки, што е во духот на Берлинскиот процес и создавањето на заеднички економски пазар. Следниот состанок на Мешовитиот комитет е планирано да се одржи следната недела во Скопје. |