Владата на вчерашната седница го утврди Предлог-законот за тутун, производи од тутун и сродни производи и донесе одлука да го достави до Собранието на Република Македонија.
Со овој закон се уредуваат производството, откупот, обработката и прометот на необработениот и обработениот тутун, производството и прометот на производите од тутун и сродните производи, како и договарањето на производството и откупот на тутунот, регистарот на откупувачи на тутун, начинот на спроведување на испитот за добивање на лиценца за процена на необработен тутун, регистарот на производители, извозници и увозници на производи од тутун и сродни производи, регистарот на марки на производи од тутун и сродни производи, електронски цигари и растителни (билни) производи за пушење, адитиви во производи од тутун, изглед и пакување на производи од тутун и сродни производи, предупредувања и информативни пораки на производи од тутун и сродни производи, финансирањето, контролата на тутунот, производите од тутун, сродните производи и адитивите.
Станува збор за комплетно нов закон со кој што ќе се подигнат стандардите на квалитетот на тутунот, но исто така и на тутунопроизводителите како клучен фактор во целиот процес на тутунопреработката. Новото законско решение предвидува укинување на евидентните листови или т.н „бели картони“, процес кој ќе започне да се применува од 2020 година. Со оваа законска одредба МЗШВ значајно ќе ги намали административните процедури за тутунарите на начин што, тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија. Откупувачот на тутун ќе има обврска да го внесе договорот во електронскиот систем за евиденција на тутун и внесените податоци да ги достави до подрачните единици.
Исто така Предлог Закон за тутун, производи од тутун и сродни производи се проширува опфатот на уредувањето во однос на постоечкиот Закон за тутун и тутунски производи со три нови глави во кои се предлагаат одредби за уредување на сродните тутунски производи и тоа:несогорливи производи од тутун, електронски цигари и растителни (билни) производи за пушење. Причини за ова проширување е поради тоа што оваа материја не е уредена со ниту еден постоечки закон, а целта воедно е и целосно усогласување со директива 2014/40/ЕС. Производителите и увозниците кои ставаат во промет електронски цигари и/или контејнери за еднократно или повеќекратно полнење, поднесуваат барање за пуштање во промет до Министерството за здравство, за што добиваат одобрение. Производителите и увозниците на несогорливи производи од тутун должни се да достават известување до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за сите несогорливи производи од тутун кои што имаат намера да ги стават во промет.
Одредбите од законот кои се однесуваат на поимите дефинирани за несогорлив тутун и електронска цигара ќе бидат употребени за определување на надоместок согласно Законот за акцизите од 1 јули 2019 година.
Новите законски одредби ќе овозможат транспарентност во врска со содржината на договорите кои треба јавно да се објават најдоцна до 28 февруари во тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот и на локалната веб страната на откупувачот. Воедно, ќе се создаде можност за дополнително отворање на откупни пунктови во текот на откупот, како и други придобивки за подобрување на квалитетот на услугите и задоволството на тутунопроизводителите, откупувачите, производителите на тутунски и сродни производи, потрошувачите и бизнис заедницата од работењето на тутунското стопанство.
Истовремено, овој закон предвидува понатамошно усогласување со европските директиви и најдобри примери од ЕУ во контекст на прилагодување кон европските стандарди.