На барање на комерцијалните свињарски фарми од земјава, денес во Агенцијата за храна и ветеринарство се одржа работен состанок со одгледувачите на овој вид добиток на кој беа презентирани новите процедури кои ги подготви Агенцијата а кои се однесуваат на стекнување на статус слободно одгледувалиште од болеста трихинелоза. Станува збор за сет на документи кои ги подготви Агенцијата кои се во насока на зајакнување на конкурентноста на домашните одгледувачи на свињи, но и за унапредување на меѓународната трговија со свинско месо и производи од свинско месо. Новите процедури се дел од мерките кои покрај воведените биосигурносни мерки се гаранција за квалитетот, но пред се со кои се потврдува безбедноста на овој вид производи.
Стручни лица од Агенцијата за храна и ветеринарство на состанокот ја презентираа епизотиолошката состојба во поглед на болеста трихинелоза кај приемчивата популација животни во земјава и националните прописи за контрола на оваа болест кај месото. Законската рамка за контрола на трихинелозата, беше истакнато на состанокот, покрај со законите за безбедност на храната, за ветеринарно здравство и Годишната наредба за здравствена заштита на животните, уредена е и со подзаконските акти кои се однесуваат на начинот на вршење на официјалните контроли и постапките за мониторинг на зоонозите и предизвикувачите на зоонози кои се редовно предмет на мониторинг од страна на надлежните служби.
Покрај Правилникот за посебните барања за контрола на трихинела во месото, Агенцијата ги донесе и Општиот план за управување со криза во областа на безбедноста на храната и храната за животни, Оперативниот план за управување со кризи во однос на храната и храната за животни – Трихинелоза за временскиот период 2019-2023 година. Донесен е и Повеќегодишниот контролен план за мониторинг на инфестација со трихинела кај приемчивата популација домашни и диви животни за временскиот период 2019-2023 година. Агенцијата за храна и ветеринарство ги дефинираше и процедурите за доделување на здравствениот статус за одгледувалиштата на свињи кои се слободни од болеста трихинелоза или одделите кои применуваат контролирани услови на одгледување, а дефинирана е и процедурата за следење на мониторингот на инфестацијата со трихинела кај приемчивата популација на домашни и диви животни, информираат од АХВ.