Над 3.500 производи од Македонија во електронски каталог
Странските фирми што сакаат да увезуваат македонски производи наместо да одат од една фабрика до друга, можат да ги видат на едно место во електронски каталог. Kаталогот со македонски производи брои над 3.500 производи. На него може да се видат освен храна и пијалаци, градежни материјали, апарати за домаќинство, средства за чистење и што уште не. Агенцијата за храна ќе почне со едукација на операторите со храна за ефикасноста на ГС1 Kаталогот, кој треба да се користи како бизнис-алатка за промоција на македонските производи и основа за зголемување на нивната конкурентност.
Kаталогот го подготвија Агенцијата за храна и ветеринарство и Глобал стандард уан (ГС 1). Пребарувањето онлајн може да се врши по 17 критериуми со 64 атрибути групирани во осум категории. Производите се на 230 домашни компании, но каталогот дополнително ќе се надградува. Експертите велат дека со помош на каталогот се прави поголема конкурентност, додадена вредност, сигурен пласман на домашниот и странските пазари, промоција, видливост и следливост, но и заштита на брендот со македонски потпис.
Македонски баркод
Во Агенцијата за храна велат дека почнале со реализација на проект за едукација на операторите со храна. Планирани се низа едукативни работилници каде што фирмите треба да се запознаат со важноста на Kаталогот, особено со неговото усогласување со новиот Правилник за информациите поврзани со храната и ЕУ-регулативата. Во Агенцијата за храна велат дека од него корист ќе имаат и производителите, преработувачите, дистрибутерите, трговците и потрошувачите.
– Тоа е основа и за зголемување на конкурентноста на компаниите вклучени во бизнисот со храна не само на домашниот, туку и на странските пазари, каде што исто така безбедноста на храната и на храната за животни е врвен приоритет. ГС1-стандардот ги следи врвните безбедносни системи за храната и претставува алатка во која се имплементирани новите правила поврзани со информациите за храната. Kаталогот има двојна улога – промоција на македонските производи и зголемување на нивната конкурентност – велат во Агенцијата. Стопанствениците велат дека каталогот треба да стане единствен доверлив извор на информации за производите со македонски баркод и во иднина да се поврзе и да биде дел од глобалната мрежа.
– Неопходно е процесот на модернизација на производството адекватно да се следи и со современа технологија за размена на информации и податоци за производите. Тоа е клуч на успех за секоја компанија и треба да биде визија за нејзин развој. ГС 1 каталогот е токму таква модерна технолошка алатка преку која нашите фирми може да ги промовираат своите производи – велат стопанствениците.
Посебна процедура
Постојат два начина на дигитализација на продуктот и внесување на податоците во ГС1 каталогот. За да се најде еден производ во каталогот, прво треба да се пријави во оригинална амбалажа и содржина, која се доставува до ГС1 Македонија. Потоа се мерат тежината и димензиите на пакувањето, што е од клучно значење при доделување простор во магацин или во маркет. Исто така се врши фотографирање на продуктот од повеќе агли во висока резолуција. Следно е внесување податоци од етикетата и пакувањето и се прави посебна проверка на квалитетот на податоците и фотографиите. Потоа производот се објавува во електронскиот каталог.
ГС 1 Македонија е членка на Меѓународната ГС 1-организација чиј приоритет е развивање платформа од синхронизирани 30 лиценцирани каталози со над 15 милиони производи од над еден милион компании, преку која се врши и електронска трговија. ГС1 каталогот и овозможува на Македонија приклучок во оваа област, како и пристап на сите нејзини членки во глобалната ГС 1-мрежа.