fbpx
ВестиТоп вести

Вкусот на дивите смокви

 

Ако патот ве однесе во Дојран, тогаш подгответе ги сите ваши сетила, затоа што има што да видите и што да пробате. Кога се зборува за Дојран тогаш веднаш се мисли на езерото и дојранскиот крап, како и алгите кои за време на нивното цутење примамуваат многу туристи заради нивната лековита моќ. Зелена берза одлучи да го посети Стар Дојран и да види, по што е толку посебно ова место. Расцветаните олеандри  во розева и бела боја  го збогатуваат прекрасниот амбиент покрај езерото, чија вода само ви ја гали душата и ве мами да останете и да уживате. Мирисот на пржена  риба само ве потсетува дека не треба да заминете  без да пробате. Во ресторанот „Казабланка“ ни се помешаа мирисите . Мирисот на пресно пржена риба која се служеше на присутни гости и уште еден посебен мирис, мисрисот на дивината (како што милуваат да кажат Дојранчани) мирисот на  дивата смоква.

Илинка Веселиновиќ како добра  домаќинка  не пречека со насмевка, а потоа и со  убав муабет за брендот на Дојран, слаткото од зелени диви смокви. Во моментот на нашата посета, на оган беше поставено големо тенџере во кое се вареше слатко.

 

Смоквата е посебно растение во вид на жбун, кое може да порасно и до неколку метри. На ова поднебје го има во изобилие.  Слаткото од зелени диви смокви е традиционален прозвод во Дојран, кој си има своја историја стара со векови. Илинка ни ја раскажа накусо приказната за дивите смокви кои  за време на турското ропство  го спасиле народот од глад. Собирајќи арач, Турците ја собрале цела храна што ја имало населението и не им оставиле ништо за живот. Но досетливоста на мештаните и дивите смокви им помогнале да се прехранат и да преживеат. Оттогаш на ова слатко му се пристапува со посебно внимание.

Обичајот да се послужи гостинот со слатко од смокви и студена вода е обичај од пра,пра,пра,прабаби. Техникатаза варење на ова слатко е исто така стара со векови и се пренесувала од генерација на генерација.

 

-Техниката за правење вакво слатко ја научив од мајка ми. Во 2010 година, пред да почнам да го правам и за комерцијални цели, благодарејќи на Слоу фуд Италија, поттикнав  многу домаќинки,  да почнат да го варат, па дури  да го продаваат и да профитираат. Некако младите домаќинки не сакаат да го прават, бидејќи е мачно за правење . Традицијата прераснува во бизнис. Во  летниот период имаме многу гости од странство. Бидејќи смоквата има необичен вкус, кога некој ќе проба не може да му одолее да не купи една тегла и да понесе со себе како поздрав од Дојран, вели Илинка.

Смоквата мора со ракавици да се бере. Ја има насекаде по планината , по дворовите и обично се бере од 20 април до 20 мај. Таа смоква трае еденмесец. После  овој период  веќе е неупотреблива бидејќи  самото дрво создава семки во плодот, остарува. Затоа се бере само младата смоква, додава таа.

 

 

 

Собирањето на смоквите  и самата манипулација треба да се извршува со нараквици бидејќи кога ќе се засече плодот истекува бела течност која може да предизвика алергиски реакции во допир со кожата. Ова е една од причините што секој не го прави овој деликатес.

Илинка несебично ни го откри рецептот за ова слатко кое го варат триесеттина жени во нивното здружение. Соработката со технолог  овозможи слаткото од зелени диви смокви да добие  президиум и да се вброи во првите три слатка во светот.

Основен рецепт за слатко од диви смокви

60 смокви , кило шеќер, 600 мл вода, 1 пакетче лимонтуз. Откако со остар нож ќе се отсече дршката, и ќе се засече на долниот средишен дел,  смоквите се варат во 9 води. Во секоја вода се варат по 5 минути. Во осмата вода се додава лимонтузот за смоквите да останат цели и да не се распаднат.  На крајот се вари шербетот, со шеќер и вода и во него се ставаат смоквите да се варат  додека да се згусти течноста. Откако ќе се свари се собира во чисти тегли.

Вака свареното слатко може да трае со години. Ако е добро сварено и добро затворен капакот може да трае со години. Бидејќи  има лимонтуз  во него не му дава на слаткото  да се расипе.

Како што носи редот Илинка не почасти со слатко од смокви. Вкусот на дивината навистина е фасцинантен. Доколку некој сака да експериментира со ова слатко, нека не се плаши. Потребно е само желба, малку повеќе време и се разбира зелени диви смокви  кои не може да се најдат во секое време на пазарите низ државата. Дојранчани ја имаат таа среќа што го имаат ова реастение во изобилие. Илинка ни спомена дека дома во дворот има смоква од која оваа година собрала 100 кг смокви. Од тоа има доволно и за туристите и за сите добронамерници како  Зелена берза. Овој пат го пробавме слаткото, а друг пат кога ќе имаме повеќе време ќе го пробаме  и дојранскиот крап. Наздравје.

Павлина Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close