Пивара Скопје останува најголема домашна пиварница и една од најуспешните домашни компании затоа што профитот за лани е 23 отсто од реализација (нз. Приходите од продажба). Реализацијата лани достигна 68 милиони евра, а компанијата покажува дека не штеди на својот маркетинг за што лани издвоила 11 милиони евра или 1,3 милиони евра повеќе од 207 година
Пивара Скопје имаше одлична деловна година лани. Профитот на најголемата македонска пиварница, со голем извозен капацитет, дел од „Кока Кола“ корпорацијата лани изнесува 15,6 милиони евра, покажуваат официјалните податоци од извештајот на независната ревизија.
Приходите од продажба лани во споредба со 2017 година пораснале за 5,9 милиони евра и изнесуваат 67,94 милиони евра. Компанијата лани бележи раст на приходите од 9,5 отсто што е зголемување за респект особено ако се земе во предвид големата конкуренција на регионалниот пазар на пива и безалкохолни газирани пијалоци. Бруто добивката на компанијата лани изнесува 34,9 милиони евра, а по одбивањето на трошоците за маркетинг, складирање и дистрибуција и административните трошоци (н.з. пред се трошокот за вработените) компанијата има оперативна добивка од 17,57 милиони евра. Тоа е за 2,9 милиони евра поголем профит во споредба со 2017 година. Профитот на Пивара Скопје е 23 отсто од реализацијата.
Лани Пивара на своите акционери им исплатила дивиденда во износ од 13,15 милиони евра.