Македонските сертификати за јаболка најатрактивни за фалсификување
Дури десетина пратки, од вкупно 17 колку што биле пласирани на рускиот пазар со фалсификат документи дека се со потекло од Македонија се јаболка, велат од Државниот земјоделски инспекторат.
Според Инспекторатот, сертификати се фалсификуваат, но поретко и за зеленчук, како што е зелката. Оттаму објаснуваат дека европските земји кои со лажни документи се обидуваат да внесат свои земјоделски производи во Русија, најчесто ги избираат јаболката кои се заштитен знак на Македонија, а тоа го потврдува и последниот случај, кога руските власти уништија над 178 тони јаболка со фалсификувани сертификати дека се од Македонија. Неофицијално, јаболката со фалсификувани документи се извезени од Полска.
“За сите 17 фалсификувани македонски сертификати од почетокот на годината досега, Инспекторатот потврдува дека не се издадени од македонска страна. Не би сакале да шпекулираме која земја членка на ЕУ стои зад последниот случај и за останатите. Ја следиме ситуацијата. Сите пратки кои излегуваат од Македонија се подложни на контрола на ДИЗ. Не се работи за македонски фирми туку за криминални фирми од ЕУ.
ДИЗ има потпишано меморандум за соработка меѓу Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација, МЗШВ и АХВ, што посочува на нашиот директен контакт со Русија и информираност за целокупниот наш извоз “, вели Трипуновски.
Последната пратка со фалсификувани документи беше уништена во рускиот град Ростов, по наредба на фитосанитарните власти на Русија. Со уништувањето, руските власти спречиле обид за реекспорт во Русија на јаболка од земји кои имаат забрана за тоа, а имале документи дека се македонски јаболка, земја со која Русија нема никакви ограничувања. Јаболката биле товарени во 9 камиони со фитосанитарни сертификати, издадени од надлежните власти на Република Македонија.