Исчезнуваат земјоделските семејства и нивните вештини

(Oвој напис е објавен на: March 1, 2019)

Земјоделските семејства како своевидна класа во општеството се губат со голема брзина. Сѐ повеќе земјоделци се пензионираат без наследници, со што во неповрат одат и вештините пренесувани со генерации. Малите држави како Македонија се под притисок од големите регионални корпорации, чија цел е профитот, што е спротивно на идејата за развој на руралните подрачја, беше кажано на вчерашната сесија на работната група за земјоделство и рурален развој, која се одржува во рамките на Националната конвенција на Европската Унија за Македонија.

Според Васко Хаџиевски од Здружението на агроекономисти, земјава сѐ уште нема прецизна дефиниција за семејни земјоделски стопанства, а постојната, содржана во Законот за земјоделство и рурален развој, нема голема употребна вредност.

– Без подлабоко дефинирање на семејните земјоделски стопанства, тие не можат да се одвојат од другите и да си најдат посебно место во политиката за поддршка – истакна Хаџиевски.

Според него, за земјава е важно вистинските семејни земјоделски стопанства да се поддржат, оти се столб на руралниот развој и носители на општествените социоекономски придобивки. Нивното издвојување како посебна категорија е неопходно за креирање конкретна поддршка.

Освен големината на фармата и расположливата површина, критериуми за дефинирање на семејните земјоделски стопанства можат да бидат и трудот, управувањето, обезбедувањето средства за живот, сопственоста на капиталот и на земјиштето, употребата на производите од фарма…

– Надлежните мора да иницираат јавна дебата за да се дефинираат критериумите што е вистинско семејно земјоделско стопанство. Со нив треба да бидат опфатени повеќе семејства и заедници што придонесуваат за руралниот и за економскиот развој на државата – напомена Хаџиевски.

Претседателката на Националната федерација на фармери, Васка Мојсовска, укажа дека земјава со влезот во ЕУ ќе мора да ги зачува домашното производство и домашните производи. Таа го актуализира прашањето како да се мотивираат младите да останат во село и да ја продолжат традицијата.

– Секое земјоделско стопанство кај нас различно инвестира, во зависност од степенот на образование. Колку се поедуцирани членовите на семејството, толку повеќе напредува стопанството, вметнувајќи и нови технологии – нагласи Мојсовска.

Во согласност со статистичките податоци, 12 отсто од БДП отпаѓаат на земјоделството, 180 илјади семејства егзистираат од оваа дејност, а 45 проценти од населението живеат во руралните средини.

Како што посочи Хаџиевски, според пописот на земјоделството во 2007 година, евидентирани се вкупно 192.675 земјоделски домаќинства и, притоа, речиси сите се семејни земјоделски стопанства.

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски истакна дека Владата е насочена кон максимална поддршка на руралниот развој, поради што има воведено нови мерки, како онаа за мали земјоделства што располагаат со површини од 0,2 до еден хектар. Тој порача дека земјава мора да ги зачува евидентираните 13 илјади земјоделски стопанства во руралните средини.


 

novamakedonija

Share Button