fbpx
ВестиТоп вести

Ракија и мезе за добредојде

Ракија и мезе за добредојде

 

Ракија e жесток алкохолен пијалак  популарен на Балканот. Се прави речиси исклучиво од овошје но постојат и ракии кои се прават и од мед или од ореви. Во индустриското производство вообичаено е процентот на алкохол да биде помеѓу 40 и 45 проценти, но во домашното производство овој процент се движи на пати дури и над 60.

Во Македонија    традиционалната се произведува  лозова ракија со процент на алкохол помеѓу 40 и 60 проценти. Освен од грозје ракија се прави и од кајсии, круши, јаболка, праски, дудинки и други сочни овошја.

Покрај чистата ракија, при процесот на производство може да се додадат најразлични зачини. Особено позната и популарна зачинета ракија е мастиката    или узо која содржи анасон  и има сладок вкус, а е карактеристична за јужните предели на Македонија    и Бугарија и Грција. Друга позната зачинета ракија е т.н. пелинковец кој содржи пелин и има горчлив вкус.

Ракијата обично се консумира во друштво и секогаш со мезе и една домаќинска куќа не може да се замисли без овој пијалак  без кој не може да се замисли ниту еден настан, сеедно дали е радосен или тажен. Со ракија се наздравува за аирлија работа, свадби , крштевки, но и кога некој заминува на „оној свет“. Често ракијата  ја користат и како лек.

Без разлика на поводот не се препорачува да се пие без мезе. Кај нас најчесто се консумира со салати, шопска, туршија, корнишони и слично , во зависност од периодот на годината.

Многу домаќинства имаат свој „таен рецепт“ за производство на ракија , но за сите е важна дестилацијата  што се прави откако ќе  ферментира овошјето. Секако квалитетот ракијата зависи  од квалитетот  на овошјето , опремата и садовите во кои се чува.

 

Зелена берза истражувајќи го животот во руралните средини и традиционалната храна и пијалаци стигна до Горно Агларци.

Нема село, а дури и во градовите каде што  нема казан за варење ракија. Некаде дури има и по неколку.

Семејството    Петровски, како што носи редот во една домаќинска куќа, не пречека и  не послужи со комова ракија. Домаќинот го  донесе бокалчето  со ракија, а домаќинката  мезето. Овој пат тоа беа корнишони што таа самата ги направила од овогодишната зимница.

Како што ни кажа домаќинот Љупчо , бидејќи местоположбата не најдобра,  купува грозје за вино, а потоа  она што ќе остане го вари ракија.

„Овде во селото имаме казан и си вариме ракија. Начинот на добивање ракија го научив од колеги на работа, ама и овде од соседите  што варат. Секој си има своја „цака“ што  му ја прави ракијата посебна. Се разбира треба да се има убаво и квалитетно грозје, но многу е важно самото варење. Комината ја ставаме во казанот кој треба убаво да се загрее. За таа цел носиме претходно дрва. Огнот е многу важен, треба да биде тивок, за да не истече наеднаш ракијата. Самата постапка трае околу 4-5 часа.  Јас ја варам за домашна употреба. Од еден казан може да се добијат 20 л ракија. Некои ставаат додатоци но јас не ставам, оваа е чиста и има 50 степени јачина. Откако ќе истече ракијата, ја береме во пластична туба. Порано ракијата се складираше во тамиџани, но сега откако ќе одлежи неколку дена ја собирам во шишиња,“ ја објаснува постапката Љупчо   кревајќи ја чашата што претходно ја наполни и  наздрави за добредојде и добро здравје на сите.

Неговата сопруга Јулијана како што носи редот донесе салата за со ракијата. Тоа беа корнишони  кои сама ги подготвила. На село има сè и срамота е да се купува  кога во бавчата има секаков зеленчук. Ни кажа дека иако живеат во село животот им е убав.

„Летно време има повеќе работа околу тутунот, а зимно време нема многу работа, немаме стока  и времето најмногу го поминувам низ дома. Готвење, месење и се што е потребно за семејството. Родум сум од Дедебалци , а овде се омажив. Некои работи ги знаев уште како „чупе“, а за некои  се интересирав и прашував, така што сега нема нешто што не можам или не знам да направам. Често си разменуваме рецепти со комшивките , но сега со компјутерите многу работи учиме и од интернет,“ ни појаснува Јулијана.

Ја задоволи нашата љубопитност и ни го сподели нејзиниот рецепт по кој ги подготвува киселите краставички без кои не се може  и  се важен дел од традиционалната зимница.

Рецепт за кисели крастајчиња (корнишони)

3 кг. Корнишони

2л вода

1мал филџан од кафе крупна сол

100 гр. Шеќер

1мал филџан од кафе есенција

1 пакетче црн бибер во зрно

5-6 ливчиња ловоров лист.

Откако ќе зоврие солилото се потураат краставичките  кои претходно се измиени и ставени во пластична туба. Тубата се затвора и се остава да од стои. По неколку дена краставичките ќе бидат готови и може да се јадат како мезе со ракија или пак како додаток во некои салати и други јадења.

Љупчо и Јулијана се пофалија од животот што го живеат, но нивните деца барајќи си за себе поудобен и поубав живот заминале од селото и живеат в град. Но како што рече Јулијана често доаѓаат  и тогаш таа им ги подготвува оние традиционални јадења, зелници, мазници и се она што сакаат да јадат нивните деца.

 

 

Павлина Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close