fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Ганџи : Македонското земјоделство соочено со многу предизвици

 

Ганџи : Македонското земјоделство соочено со многу предизвици

Ганџи е одговорен за развојот и имплементацијата на Програмата на ФАО во земјава, а минатата недела  првпат престојуваше во официјална посета.

 

Ограничени инвестиции во земјоделска инфраструктура, прекумерна расцепканост на земјоделското земјиште и мала површина на земјоделските стопанства, напуштање на селата, отежнат пристап до пазарите, недостаток на можности за диверзификација на приходите и на соодветни советодавни услуги, ограничени капацитети за одржливи земјоделски практики, деградација на земјиштето, ранливост на климатски промени и неефикасното управување со шумските ресурси, се клучните предизвици со кои се соочува македонскиот агро-сектор, смета заменик-регионалниот претставник на ФАО за Европа и Централна Азија говори, Набил Ганџи.

Ганџи е одговорен за развојот и имплементацијата на Програмата на ФАО во земјава, а минатата недела  првпат престојуваше во официјална посета. Се сретна со вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и со ресорниот министер Трајан Димковски. Најави дека приоритетните области на тековната програма на ФАО за периодот 2018-2020 година вклучуваат поддршка за зголемена конкурентност на земјоделскиот сектор, подобрување на животот во руралните заедници преку одржлив рурален развој и одржливо управување со природните ресурси во услови на климатски промени.

Наредните 18 месеци ФАО ќе ги поддржи и напорите на Македонија за финализирање на развојот на Националната работна програма за Зелениот климатски фонд со конкретни национални проекти од јавниот и приватниот сектор, за адаптација кон и ублажување на климатските промени во земјоделството, шумарството, водните ресурси, енергетиката, транспортот, отпадот, биодиверзитетот, здравството и културното наследство. Ќе и помогне и за спроведување на Агендата 2030 за одржлив развој.

Тој укажува дека прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште и малата површина на земјоделски стопанства, освен што негативно влијае врз продуктивноста и ефикасноста на фармите, оневозможува и модернизација на производството и конкурентност во глобализираната економија. Неефикасното управување со шумските ресурси, пак, и недостатокот на точни податоци во овој сегмент, ги попречува напорите за национален одржлив развој на шумите. Се осврнува и на достапноста на здрава исхрана што, според него, за секого останува предизвик, заедно со загубите и отпадот на големи количини храна.

Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) е партнер на земјава од 1993 година. Соработката опфаќа широк спектар на области: земјишна политика и управување со земјиште, шумарство, развој на вредносни синџири во  производството на храна, биосигурност и здравје кај животните, адаптација кон и ублажување на климатските промени. Постојан акцент се дава на развојот на секторските политики и институционалната поддршка, со фокус на усогласување на земјоделството и руралниот развој на земјата со стандардите на ЕУ и Целите за одржлив развој./МИА

Извор: канал5

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close