fbpx
ВестиТоп вести

Бабовски: Исплатени 5,5 милиони евра субвенции на 9.146 субјекти за одржување на овошни насади

Иако на средбите со овоштарите ветивме дека субвенциите ќе бидат исплатени до 30 март, направивме напор да го скратиме времето.

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗР) денеска им исплати 5,5 милиони евра субвенции за одржување насади на вкупно 9.146 производители на јаболка, сливи, круши, кајсии, вишни, цреши, јагоди, малини, капини, боровинки, дуњи, мушмули, маслинки, јапонско јаболко, аронија, рибизла, гоџи бери, бадеми и лешници.

-Иако на средбите со овоштарите ветивме дека субвенциите ќе бидат исплатени до 30 март, направивме напор да го скратиме времето и што побрзо да стигнат до нив средствата кои им се неопходни за изведување на агротехничките мерки во нивните овошни насади, како и за да можат да се подготват за новата реколта, изјави директорот на АФПЗР Николче Бабовски.

Тој посочи дека  со денешната исплата се реализирани сите барања што ги имаа производителите на јаболка и потсети дека претходно им беше прифатено барањето за продолжување на мерката за дополнително субвенционирање од три денари по предаден килограм индустриско јаболко до 30 јуни годинава.

-Со тоа се очекува да се откупат дополнителни 30.000 тони јаболка што значи нови 90 милиони денари за производителите. Во новата програма за директни плаќања за 2019 година по препораките од Европската Унија дополнителната  субвенција од три денари е трансформирана во нова мерка со која ќе се субвенционира по површина и тоа ќе значи зголемување на субвенцијата од 39.000 на 50.000 денари по хектар, а за подрачја со ограничени можности, односно подрачја што се наоѓаат над 700 метри надморска висина им се даваат дополнителни 15 проценти зголемувања или  57.500 денари по хектар, посочи Бабовски.

Потсети дека во последниот месец е извршена исплата на сметките кај 81.000 субјекти за поледелство, раноградинарство, лозарство и за сточарство со што во земјоделството се вратени 40,5 милиони евра свеж капитал кои фармерите ќе може да ги реинвестираат за своите потреби. Апелираше сите баратели на субвенции да доставуваат целосни и точни податоци и точни трансакциски сметки за да може навреме да бидат исплатени средствата од владините мерки за финансиска поддршка на земјоделството.

-Утре завршува откупот на тутун од реколтата 2018-та и започнува електронската обработка на податоците за произведениот и предаден тутун од оваа реколта. Потоа ќе следи контрола на терен кај откупувачите и во најкраток временски период ќе се исплатат и субвенциите за тутунарите, рече Бабовски и додаде дека тутунарите и понатаму ќе бидат субвенционирани од домашниот Буџет бидејќи станува збор за една од стратешките култури што се произведуваат во земјава и  што носат голем девизен прилив.


 

kanal5

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close