Одгледувачите на ореви Чендлер се здружуваат за поголем успех
Одгледувањето ореви станува сериозен агробизнис. Здружувањето секогаш носело само предности но во случај кога се работи за ново производство кое на сите им е непознато и има многу детали околу агротехничките мерки кои си ги бара оревот за да има успешно производство тогаш повеќе од потребно е да се најде начин на заедничко делување и развој на ова производство.
Одгледувањето на ореви до пред неколку години беше стихијно а од скоро полека прераснува во агробизнис овоштарство. Овој пресврт во одгледувањето ореви е се поизразен откако се појавија латералните сорти на ореви меѓу кои најпознат е Чендлерот, кои се многу по родни од старите автохтони сорти на орев. Меѓутоа често како и секоја нова работа особено во долгогодишните овошни насади според искуството на експертите грешките што ќе се направат на почетокот многу тешко и скапо се поправаат а често и воопшто не е можно да се поправат грешките при подигањето на насадите.
-Ако е избрана локацијата на садење тоа не е изводливо да се поправи исто и со растојанието на садење ако се погреши тоа не може да се поправи. Во понатамошните години ќе се појави проблем со големата густина на насадот или ако е избрана несоодветна локација со високи подземни води кои му прават многу проблеми на коренот на оревот сето ова се проблеми кои се заради лошо избраната локација вели Професор Тошо Арсов од факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.
Заради проблемите кои се јавуваат во текот на производството или заради неправилно избраната локација или заради неправилна резидба и примената на другите агротехнички мерки во регионот во соседните земји каде го имаат засадено Чендлерот веќе се започнати со здружување преку кое заеднички си помагаат да се надминат проблемите. Вака здружени производителите освен што имаат предности на пазарот пред трговците и пред институциите кога сакаат нешто да остварат тие имаат и голема предност да добијат стручни совети организирано од науката за секоја работа која ги мачи со оглед дека ова е релативно ново производство кое нема некоја традиција на одгледување и нема кој да пренесе некакво искуство а често лутањето по совети преку интернет може да донесе само повеќе проблеми. Токму заради сите укажувања на стручните лица опитното поле од Долно Лисиче кое е во склопот на факултетот за земјоделски науки и храна веќе ја започна иницијативата за да ги организира производителите кои веќе имаат насади, они кои сега почнуваат и оние кои планираат да подигаат насади во едно заедничко здружение.
-Причината за ваквата идеја за здружување на сите производители на орев Чендлер е заради се почестите проблеми кои ги имаат и непознавањето на агротехничките мерки, оставени сами на себе често прават грешки и на крајот немаат род а може и насадот и инвестицијата да ги изгубат. Ние како институција им помагаме со совети но најдобро е тие самите да се здружат да си изберат еден претседател кој ќе биде некој од нив и да се организираат во здружение или понатаму и во задруга за да си настапат пред институциите и пред професорите кои можат многу да помогнат пренесувајќи го организирано потребното знаење и вештини за правилно одгледување на оревите. Ние оваа идеја полека ја шириме и гледаме дека има доста интерес и планираме да направиме една средба на факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје и таму да разговараме за се што ги интересира и за начинот на здружување за што дополнително ќе информираме откако ќе се утврди кога тоа би се случило, рече Лидија Бурназова од опитното поле во Долно Лисиче.
Здружувањето секогаш носело само предности но во случај кога се работи за ново производство кое на сите им е непознато и има многу детали околу агротехничките мерки кои си ги бара оревот за да има успешно производство тогаш повеќе од потребно е да се најде начин на заедничко делување и развој на ова производство.
З.Б.