Инвестициите се клучни за развојот на еден бизнис
Во секој бизнис, ако не инвестирате тој пропаѓа. Се менуваат условите на пазарот и затоа како може сточарите да бидат конкурентни? Преку зголемување на инвестициите во објекти, крави и секако капацитет на фармата, изјави Димковски при посетата во Битола.
При посетата на Министерот за земјоделство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, на битолскиот регион ја посетија и Зелена берза. Преку своите активности Зелена берза се обидува да биде врската меѓу институциите и крајните производители земјоделците. На заедничката средба се проговори за актуелни проблеми кои ги мачат земјоделците и можностите за нивно решавање. Земјоделците мора да се интересираат повеќе за мерките што им ги нуди државата, преку различните програми, затоа што ако не инвестираат ќе пропаднат, посочи Министерот Димковски. Во врска со проблемите што сточарите ги имаат околу легализирањето на нивните фарми и постојните законски решенија, ако има потреба од дополнителен закон ќе се регулира, рече Министерот Трајан Димковски.
-Законот за легализација до сега неколку пати е продолжуван. Сепак треба да се најде начин што е тоа што може да ги мотивира самите сточари, особено е голем проблем да користат ИПАРД средства, европски пари каде што мора своите фарми да бидат легализирани. Знаеме дека во моментот сточарските фарми се во нивните дворови и тоа е дополнителен проблем, но сепак ние, ако има потреба од дополнителен закон ќе се регулира. Верувам дека и самите земјоделци треба да бидат поактивни кога се имаат вакви моменти за легализација да го направат своето, бидејќи во секој случај оние кои што сериозно мислат да се занимаваат со сточарство мора да го легализираат објектот, односно да инвестираат. Велам мора бидејќи во секој бизнис ако не инвестирате тој пропаѓа. Се менуваат условите на пазарот и затоа како може сточарите да бидат конкурентни? Преку зголемување на инвестициите во објекти, крави и секако капацитет на фармата, изјави Димковски при посетата во Битола.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски посочи дека по исплатата на субвенциите за обележани грла овци ќе се продолжи со исплата на субвенции за кози, свињи и пчели.
-Агенцијата ќе продолжи со редовната исплата на субвенциите за сите лица кои законски се стекнале со право за користење на оваа финансиска поддршка, рече Бабовски.
П.Ј.