Во Македонија има само 32 земјоделски задруги
Во земјава во моментов има само 32 земјоделски задруги од кои седум со голем обем и 25 помали. Вкупниот производен капацитет е 990 хектари обработлива површина, 260 пчелни семејства, 450 говеда, 200 кози и 250 овци. Тоа покажува дека и покрај потенцијалите, задругарството кај нас се’ уште е далеку од концептот на вистинско, модерно и ефикасно здружување.
„Земјоделците и натаму гледаат со недоверба зашто мислат дека, како во минатото, ќе им бидат одземени имотите. Помладите генерации, сепак, ги сфаќаат придобивките од заедничкото дејствување – поголемо и поквалитетно производство, постигнување повисока цена и набавка на поевтини репроматеријали и механизација“, истакна вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков во обраќањето по повод Меѓународниот ден на задругарството.
Тој додаде дека и покрај сериозните чекори што се преземаат, не можеме да бидеме задоволни од мотивацијата и интересот на земјоделците, бројот на постојните задруги, нивната функционалност и учество во вкупната трговија со земјоделски производи.
„Реално се’ уште сме на самиот почеток на развојот на концептот на ефикасно, модерно задругарство, кое треба да ги направи земјоделците вистински фактор во вертикалниот синџир на вредноста и да им овозможи да го заземат местото кое им припаѓа“, рече Цветков.
За задругите годинава се обезбедени 2,1 милион денари поддршка, при што е предвидено да се поддржат инвестиции за основање и функционирање на задругите, набавка на механизација со 90 отсто од вкупната вредност и осигурување на производството. Во согласност со националната стратегија за земјоделство и рурален развој за периодот 2014 – 2020 година, покрај финансиска поддршка, особено внимание се посветува и на надминување на слабостите кои го кочат процесот на здружување.
Задругарството е најбрз начин за окрупнување на парцелите. Според претседателот на Македонската асоцијација на земјоделските задруги, Миле Ивановски, задругите се иднината на македонското земјоделство. Придонесуваат за одржлив развој, а економскиот бенефит е загарантиран.