Наскоро ќе се потпише Договор за слободна трговија со Обединетото Кралство
Согласно најавите од Царинската управа на Република Северна Македонија, а врз основа на заклучоците од последниот состанок на Советодавното тело, во кое со свои претставници учествува и Стопанската комора на Македонија Договорот за слободна трговија со Обединетото Кралство ќе биде потпишан наскоро и ќе почне да се применува од 01.01.2021 година.
Практично, истото значи дека размената на стоки со Обединетото Кралство во поглед на плаќањето на царинските давачки ќе биде како и досега, кога Обединетото кралство беше дел од Европската царинска унија и дел од единствениот европски пазар.
Последното е добра вест за компаниите кои соработуваат со Обединетото кралство, односно домашните компании од преработувачката индустрија кои се извозно ориентирани, а кои одредени репроматеријали и полупроизводи увезуваат од Велика Британија.
Од Велика Британија во нашата земја во 2019 година се увезени производи во вредност од 969,1 милиони евра, додека извозот во Велика Британија изнесува 143,5 милиони евра.
Согласно структурата на увозни производи од Велика Британија во претходните години од Обединетот кралство се увезуваат акумулатори, цевки и црева, сигурносно стакло за моторни возила, ретровизори, мотори за возила, хидраулични пумпи, издувни лонци и издувни цевки, теписи за ентериер во возила, различни видови на ткаенини, светла, фарови, штопови, опрема за сигнализација на возила, ткаенини за надворешни пневматски гуми и текстилни ткаенини кои се импрегнирани, премачкани, прекриени, или ламинирани со пластични маси, хлороводородна киселина, нитрати, како и благородни метали во колоидна состојба, неоргански или органски соединенија на благородни метали, амалгами на благородни метали, други разни видови соединенија и др.
Значи, по потпишувањето на Договорот за слободна трговија, односно по уредувањето на односите со овој билатерален договор, увозот на производи во нашата држава понатаму ќе се врши по преференцијални стапки, односно по стапките кои важат за останатите земји-членки на ЕУ, а кои изнесуваат 0% (освен за некои видови месо и риби, млеко и млечни производи, живина и јајца, за повеќето видови зеленчук и овошје и други прехранбени продукти).
Стопанската комора на Македонија останува посветена на ова прашање, до неговата целосна реализација, со цел заштита на интересите на компаниите членки кои имаат трговска соработка со Велика Британија.