Шарските извори уште чекаат на заштитните зони
Изворите за пиење на вода од кои се снабдува градот Тетово немаат воспоставено зони за заштита. Одлуката за заштитните зони ја донесува Владата, по предлог од Министерството за животна средина и Министерството за здравство, според изработени елаборати за определување заштитни зони. Одлуката уште не е донесена. во писмениот одговор кој го добивме од Општина Тетово, пишува Слободен печат.
Општината уште во 2017 година побарала дозвола за користење на водата од постоечките т.н. зафатени извори за тетовското водоснабдување – големите извори на Попова Шапка, зафатени од 1956 година, потоа изворот Вакуф – во 1980 година, и Уливерички извори, зафатени во 1990 година, сите лоцирани на Шар Планина. Покренати се и постапки за спроведување на заштитни мерки и определување на заштитни зони за сите извори.
Елаборатот за определување на заштитните зони за зафаќање на речна вода од зафатите на локалитетот Лешница, пак, уште не бил изработен, бидејќи барал посложена изработка и заштита на голем опфат на заштита, ни одговорија од Општина Тетово.
Градот под Шара во неколку наврати во текот на летото и есента имаше проблеми со водоснабдувањето, бидејќи изворот на Лешница, пуштен во употреба во 2017 година, беше исклучуван од системот за водоснабдување поради заматување на водата. Инцидентите се совпаѓаа со периодот на интензивната изградба и бетонирање на објектите, наменети за изградба на хидроцентралата на Долна Лешница кои се лоцирани во самото корито на Пена, и тоа на само стотина метри од каптажата за вода.
Хидроцентралата во чиишто цевки треба да завршат водите на реката Пена и на нејзината притока Лешничка Река, се гради во месноста Долна Лешница, во непосредна близина на веќе постоечката каптажа, од која Тетово добива дури 40 проценти од вода за пиење.
Од Општина Тетово, сепак, имаат дадено позитивно мислење за изградба на малата хидроцентрала во непосредна близина на нивниот зафат за водоснабдување кој нема воспоставено никаква зона на заштита, со став дека изградбата на вакви објекти не требало негативно да влијае на постоечките водоснабдителни објекти, доколку за време на изградбата и во текот на нивната експлоатација се почитуваат мерките за заштита и влијание врз животната средина.
Поради земјотресот пукнала цевка кај Лисец?
Поголем дефект на цевка Ф500 во близина на новата пречистителна филтер-станицата кај Лисец е причина за повторно отежнатото водоснабдување на Тетово, информираат од Јавното комунално претријатие „Тетово”. Оттаму објаснуваат дека претстои намалување на довод на вода од новиот водоснабдителен систем до градската мрежа со оглед дека дефектот е на голема доводна цевка од Лешница кон новата филтер-станица.
Убеден сум дека дефектот е поради неодамнешните земјотреси кои предзивикаа подземни ерозивни движења – објаснува Љуљзим Шаќири, раководител на работната едницата „Водовод и канализација” при ЈКП Тетово.
Новиот водоснабдителен систем кој презема вода од планинските реки требаше да обезбеди дополнително 250 литри вода во секуда за градската мрежа.
Извор:Слободен печат.мк