fbpx
Агро бизнисВестиВиноТоп вести

Зимбили и рогузини – спомени од минатиот век

Трската и шамакот се береа со специјализирана рачна косилка. Од трската се изработуваа петаври кои се користеа како градежен материјал, додека од шамакот се изработуваа рогузини и зимбили.

Денес во светот годишно се произведуваат околу 500 милијарди пластични кеси, а за нивното производство се трошат околу 60 милиони барели на нафта. Почетокот на производството на пластични кеси за масовна употреба се случил во шеесетите години на минатиот век. Нивното откритие тогаш било дочекано со воодушевување поради нивната практичност, брзото производство и ниската цена. Меѓутоа, само десетина години покасно, нивното производство и употреба прераснаа во голем еколошки проблем. Овој проблем треба итно да се решава и да се бара алтернативно решение. Во последно време се заговара користење на хартиени кеси, тие се еколошки, но за нивно производство е потребно користење на голема дрвна маса. Тоа подразбира поголема сеча на шумите. Земајќи ги во предвид сите аргументи се доаѓа до заклучок дека најадекватно решение е употреба на торби и кеси за повеќекратна употреба. Дали можеме да извлечеме поуки од минатото? Имаме сведоштва од постарите жители за разни производи кои се изработувале од трската и шамакот, кои биле присутни во големи количини, додека постоело Црнското блато во Пелагониската котлина. Ристе Нешковски на возраст од 76 години, од пелагониското село Оптичари, ни раскажува за блатото и производите кои се изработувале од трската и шамакот.

-Некогашното блато се наоѓа на 500 метри од селото. Во повлажни години и со поголемото излевање на Црна Река понекогаш водите од блатото преку ендеците и доловите продираа и до самото село. Важно е да се напомене дека со присуството на блатото влажноста на воздухот како и количината на врнежи во сите периоди од годината беше многу поголем. Поради ова околните ливади на селото Оптичари изобилуваа со трева каде се напасуваа околу 12.000 овци и 500 грла на говеда и биволи. Многу од моите соселани својата егзистенција, како и егзистенцијата на своите семејства ја пронаоѓаа во благодетите кои ни ги даваше Црнското Блато. Тоа изобилуваше со огромни примероци на крапови, јагули, кленови, мренки и други риби. Покрај риболовот во голема мера беше присутен и ловот. Огромни колонии на птици беа присутни на ова подрачје. Во исто време нивното ловење и бербата на јајца за месното население беше многу важна. Најповеќе се береа јајца од лишки, пајки и чапји, раскажува Нешковски за Зелена берза.

Сепак и покрај изобилството на риби и птици најголемите приходи жителите кои гравитираа на ова подрачје ги остваруваа преку собирање на трска и шамак, како и нивна преработка.

-Трската и шамакот се береа со специјализирана рачна косилка. Од трската се изработуваа петаври кои се користеа како градежен материјал, додека од шамакот се изработуваа рогузини и зимбили. Петаврите ги откупуваа трговците на големо кои најчесто доаѓаа од Апатин. Нивната употреба беше исклучиво како материјал за градежништво. Од шамакот се изработуваа рогузини и зимбили. Треба да се напомене дека постои женски и машки шамак. Исклучиво од срцевината на женскиот шамак со плетење на разбој се изработуваа зимбилите и рогузините. Рогузините се користеа како легла. На подот на куќата или пак надвор прво се постилаше рогузината. Врз неа се ставаше черга. Врз чергата се ставаше волнена перница исполнета со слама. Како прекривка најчесто се користеше дифтик. Зимбилите кои се изработуваа најчесто се продаваа на битолскиот пазар. Бидејќи изработката на зимбилите беше сложена и скапа, тие претставуваа привилегија само за побогатиот слој на населението. Граѓаните кои можеа да си ги дозволат ги користеа за носење разна стока до својот дом која ја купуваа на пазар или во продавница. Посиромашните граѓани се одлучуваа за волнени и платнени торби, додава Ристе.

Денес овие производи останале само во меморијата на повозрасните граѓани и повеќе немаат употребна вредност во современиот начин на живеење. Користењето на петаври поради начинот на изградба на објектите е заменето со поквалитетни и посоодветни градежни материјали. Рогузините веќе одамна не се употребуваат, додека користењето на зимбили беше некаде до средината на седумдесетите години на минатиот век. Како нивна замена почнаа да се појавуваат пластичните кеси кои најпрво  доаѓаа од соседна Грција. Потоа нивната примена и производство станаа масовни и во нашата држава предизвикувајќи катастрофални последици врз екологијата и здравата животна средина.

 

Текст и фотографија: Игор Петровски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close