Производството на вишни на сериозен удар од климатските промени
Во Штипско, години наназад се копачат цели плантажи со вишни.
Производителите и преработувачите на вишни алармираат на недостиг на суровина на свежа вишна пред се поради намалените приноси од година во година. Производството на вишни е на сериозен удар на климатските промени. Во Штипско, години наназад се копачат цели плантажи со вишни.
Бербата на вишни заврши, оваа година ќе биде запаметена по кусиот период на вегетација што го наметна прашањето – дали преработувачите ќе имаат доволно суровина да работат.
-Секоја година ја следат посебни специфики, а оваа година е што доцнеше целата вегетација и мразовите од пролетта направија годинашнава реколта да потфрли во квантитет и на ниво на Македонија да има помалку суровина на вишни и на тој начин ни направи проблем со пополнување на капацитетот на преработувачите во државата. Од друга страна климатските промени исто така влијаат на количините на производство на вишна како и периодот за технолошка зрелост. Годинава имавме многу краток период на преработка како резултат на доцната пролет и многу топлиот месец јуни. Тоа што некогаш го работевме за 45, сега мораме да го сработиме за 20 дена, вели Младен Митев, производител и сопственик на фабриката за преработка на вишни во Аргулица, Општина Карбинци.
„Фруктана“ годишно преработува од 1.500 до 2.000 тони свежа вишна и задоволени се потребите од 80 до 90%. Дури 60 % од потребите од сировина ја обезбедува од сопствени плантажи.
Годинава според Митев, на плантажите со вишни имало потфрлување за околу 10%, однос на просечните приноси лани, додека кај некои производители се бележи тренд на намалување на самите површини каде имало поголемо потфрлување во производството на свежа вишна.
-Просечните приноси за единица хектар од плантажите во земјава кај помалите плантажери не надминуваат шест тони, ние постигнавме некое ниво од 10 до 12 тони по хектар, вели Митев.
Просечната откупна цена на вишната од последната реколта достигна 26-27 денари за килограм за прва класа.
-Откупната цена е благо покачена во однос на лани, не откупуваме втора класа бидејќи нема пазар, но за наши кооперанти откупуваме и таква вишна во мали количини која е незначителна и не влијае многу на просечната цена на вишната. Таа е многу ниска и неисплатлива, под 20 денари, рече тој.
Цената на суровината е на ниво на просечна откупна цена за последните дваесетина години, но далеку од посакуваната цена за производство на свежа вишна. Оваа компанија се бори на светскиот пазар со конкуренција која користи современи технологии, поголеми приноси и извонредни резултати во производството на суровина, над просекот од нашава држава. За споредба со нашиот сосед Србија, каде со истата сорта имаат принос и до 20 тони од хектар.
Според Митев, овој нагорен тренд се должи на тоа што финансиски моќници влегуваат во овој бизнис со подигнување на големи плантажи во делови на Војводина, во кои ќе се применуваат високи технологии. Смета дека покрај поголемите приноси во Србија и пристапот до фондовите од ЕУ за модернизација на производството во овоштарството, како и досега, овоштарите од овој регион ќе бидат еден поголем фактор во производството на вишна покрај Полска и Унгарија кои одгледуваат друга сорта, но се репер за конкуренцијата.
Митев посочи дека е неминовно и производителите на вишни во земјава да поработат повеќе на конкурентноста на производството. Тоа е единствен излез за одржливост на насадите, смета тој.
-Тие мора да внимаваат во иднина да произведуваат квалитетна суровина затоа што во квалитетот и постигнувањето на одредени приноси се гледа излезот за одржување на овоштарството, во спротивно тоа ќе биде нерентабилно, вели Митев.
И ниските откупни цени последните години придонесоа до копачење на некои поголеми плантажи за што Митев смета дека овој тренд ќе продолжи доколку кај овие два параметри-квалитет и квантитет не се постигне повисоко ниво.
-Малите производители тоа не го практикуват затоа имаат вегетација од само 7-8 години на плантажите, додека ние имаме плантажи по 12-13 години кои се во полна родност и се надеваме дека ќе имаме резултати и до 20 години старост. Со примената на добрата земјоделска практика и нови технологии во производството има бенефит, смета тој.
Машинска берба на вишни
Недостигот од работна сила ги натера компаниите да се модернизираат во поглед на бербата која во најголем дел се одвива машински. Плантажите на „Фруктана“ не овозможуваат берба со комбајни, туку со машини за тресење.
-Технологијата за производство на вишни во Македонија оди далеку напред, што значи има далеку посовремени и од нашите плантажи, наменски се правени за машинска берба, но тие бараат специфичен терен како рамни и големи површини. Оваа суровина која што ја добиваме со машинска берба е далеку поквалитетна во преработувачкиот процес, тврди Митев.
Тој очекува дека со стимулативните мерки од програмата ИПАРД која предвидува средства за кофинансирање на трошоците за промена на култура, односно обновување на плантажите, сега застарени плантажи ќе бидат заменети со современи плантажи. Во исто време Митев очекува дека условите ќе се исполнат со тоа што надлежните ќе обезбедат поголеми површини за производство каде ќе се применуваат модерни технологии за постигнување на тие стандарди.
-Недостатокот на работна рака е евидентен во сите сектори не само во овоштарството и покрај тоа што е за краток временски период. Треба да обезбедите долгорочно ангажирање на поголема група на работници кои што бараат сигурност и ангажираност на подолг период, но за жал нашето производство тоа не го дозволува, бидејќи ние имаме кус период на берба и преработка во капацитетите, вели тој.
Забележува дека секоја година многу млади луѓе го наоѓаат своето прво вработување во фабриката и тоа постари од 16 години кои работат по осум часа. Овде тие млади луѓе стекнуваат вештини и навики за работа.
Минатата година „Фруктана“ заврши со солидни резултати, а и првото полугодие дава оптимистички најави дека и оваа година и покрај доцнењето на потпишувањето на договори со традиционални партнери за извоз ќе биде во рамките на нормалата и нема да има намалување во производството, ниту продажбата.
Инаку, Молдавија е нов пазар кој го освојува македонската вишна. Митев е дециден дека во креирањето на аграрните политики значајна улога има државата која и досега поддржувала квалитетни проекти со кофинасирање, но смета дека повеќе треба да посвети внимание на подгрупите. Досега најмногу се вложило во подигнувањето на насади, а помалку во преработувачки капацитети поради што циклично се јавуваат одредени вишоци и проблеми со откупот, како порано кај сливата и грозјето.
Јулија Малинова за Зелена берза