fbpx
ВестиТоп вести

По 12 години се очекува нов Закон за тутун

 

Ќе се решат ли проблемите во тутунопроизводството со новиот закон? Од предложеното решение кое е уште на ЕНЕР генерално се задоволни и тутунарите и откупувачите. Од Стопанска комора веруваат дека новиот закон ќе донесе позитивни промени.

Со законот се укинуваат евидентните листови или т.н. бели картони. Тоа значи дека тутунарите ќе можат да склучуваат договори директно со откупните компании кои, пак, ги преземаат бирократските формалности. Откупувачите ќе бидат должни евиденцијата на катастарските парцели, површините и склучените договори со производителите да ги поднесуваат електронски до Министерството за земјоделство.

 

Според предлог-законот, откупот на тутунот произведен во тековната година почнува во сите откупни пунктови најдоцна од 15 декември и завршува до 28 февруари наредната година. Откупените количини на тутун од тековната реколта, откупувачот е должен да ги пријави најдоцна до 31 март во наредната година. Откупувачот е, исто така, должен, во реален временски период да ги извести писмено производителите со кои склучил договор за деновите на преземањето на тутунот, пред планираниот почеток на откупот. Доколку поради одредени околности тутунот не може да се преземе во планираниот рок, се презема во наредните 10 денови.

Испитот за добивање лиценца за проценка на тутун ќе се враќа „по старо“, односно ќе се полага усно, а не електронски.

Откупувачот е должен да отвори откупни пунктови во населени места со договорено производство од над 100 тони тутун.

Договорот за откуп се склучува најдоцна до 31 март во тековната година. Мострите мора да бидат верифицирани и заверени најдоцна до 15 ноември, а откупувачот е должен да истакне заверени мостри пред почетокот на откупот во просториите за откуп.

Откупувачот на тутун е должен содржината на договорот јавно да ја објави најдоцна до 28 февруари тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот и на локалната веб страница на откупувачот, ако има, но и да ја достави до највисоката асоцијација на тутунопроизводители.

За договореното производство од тековната реколта, на производителот му се дава  аванс што може да биде во репроматеријали, земјоделски машини и други средства и опрема и/или финансиски средства. Висината на авансот за договореното производство од тековната реколта не може да биде пониска од 15 отсто од вредноста на количеството на засадениот од договорениот тутун за откуп, сметан според просечната откупна цена за договорениот тип, постигната во последните три години на ниво на државата.

Авансот се одбива при исплатата на откупениот тутун. Ако евентуално дојде до раскинување на договорот, производителот кој примил аванс е должен да го врати на откупувачот во соодветна противвредност во рок утврден со договорот.

Согласно законот, производителите се должни да употребуваат сертифициран семенски материјал од откупувачите на тутун, обезбеден од регистриран снабдувач на семенски материјал од тутун согласно Законот за семенски и саден материјал. Откупувачот може да обезбеди и тутунски расад соодветно на договорените површини со производителите.

Откупувачот е должен репроматеријалот (семенски материјал и производи за заштита на растенија во расадопроизводство) да го обезбеди без надоместок на тутунопроизводителите, најдоцна до 31 март во тековната година. Производителот, пак, е обврзан целокупниот произведен тутун да го продаде на откупувачот со кој склучил писмен договор за производство и откуп на тутун. Откупувачот е должен да го откупи под условите предвидени со договорот.

Предлог-законот предвидува и казни. Вкупно 20.000 евра во денарска противвредност е казната за прекршок на правното лице ако не употребува семенски материјал од откупувачите на тутун обезбеден од регистриран снабдувач, ако не обезбеди семе од регистриран снабдувач на семенски материјал од тутун во предвидените количини и ако не обезбеди репроматеријал за тутунарите без надоместок, најдоцна до 31 март во тековната година.

Казни се предвидени и ако се произведува тутун без да се склучи договор за производство и откуп со откупувач што не е регистриран.

Последниот Закон за тутун е донесен во март 2006 година и досега претрпел 12 измени.

Зелена берза

 

 

Слични написи

Back to top button
Close