Бачовски – Сѐ ќе направам ако има неправда или пропуст за субвенциите да ги исправиме
Ексклузивно само за субвенциите-Интервју со Никица Бачовски, директор на Платежната агенција за Зелена берза
Ниту една апликација која ги исполнила условите за добивање на поддршка не е одбиена. Сите кои правно – законски ги исполнуваат условите за добивање на финансиска поддршка добиваат средства. Доколку постојат некои лица кои исполнуваат услови за добивање на средства, а се одбиени ги повикувам да дојдат заедно со целокупната документација и да видиме дали има и каде е проблемот. Јас како менаџер на институцијата ќе направам се ако има неправда или пропуст да ги исправиме, порачува Бачовски во интервју за Зелена берза потенцирајќи дека се потврдува неселективен пристап во исплатата на субвенциите.
***
З.Б-Најавивте силна поддршка за земјоделците -155 милиони евра преку субвенции, но забелешките на земјоделците се дека оваа година задоцнивте со исплата на субвенциите, што предизвика револт и незадоволство кај нив. На што се должи ваквата состојба?
Бачовски-Со оглед на здравствената состојба во државата и лимитираното функционирање, минатата година аплицирањето за финансиска поддршка во земјоделството почна подоцна, а имаше и два дополнителни рокови за пријавување на субвенции и пријавувањето заврши на 31 јули, а на барање на земјоделците имаше уште еден рок од десет дена во септември. Токму тоа беше и една од причините за доцнење на исплатите. Оваа година како и за останатите сектори така и за нас е тешка. Пандемијата, рестрикциите, ротациското работење се само дел од причините кои допринесоа за мало одлагање на исплатите за субвенциите. Но, и покрај сите овие проблеми вработените беа на висина на задачата, оној момент кога се создадоа поволни услови се обработија огромен број на барања и гледате дека речиси секој ден се вршат исплати за мерките кои треба да се исплатат. Работиме со забрзана динамика се со цел да се исплатат субвенциите.
З.Б- Во кој дел субвенциите се исплатени во целост и што останува за исплата? Дали со ребалансот на Буџетот се обезбедени средства за сите мерки и подмерки за да се исплатат до крајот на 2021?
Бачовски-Секоја година близу 70 илјади земјоделци добиваат субвенции, но сите овие имаат поднесени апликаци по повеќе мерки, што значи бројката во една година на обработени апликации се триплира. Средства за исплата на субвенции има, гледате дека по ребалансот на Буџетот речиси секој ден има по некоја поголема исплата на средства за субвенции. До 13 август, Агенцијата има исплатено вкупно 5,4 милјарди денари за субвенции по повеќе мерки: презимени пчелини семејства, за мали стопанства со историски плаќања до 3 години, поледелски култури, сточарство, градинарство, лозарите, тутун и уште многу други мерки.
Ги обработуваме и барањата за произведено и предадено млеко, по што сите кои ги исполниле условите ќе им биде исплатена финансиската поддршка. А потоа ќе следуваат и исплатите за останатите мерки. Како прв човек на АФПЗРР, би сакал да им порачам на корисниците за субвенции дека секој оној кој ги исполнил условите за добивање на финансиска поддршка ќе си ги добие средствата. Неселективниот пристап во исплатата на субвенциите е наша одлика и нешто по кое сме препознатливи и таквиот начин на функционирање на Агенцијата ќе продолжи и во иднина.
З.Б-При последната исплата на субвенциите за грло овци и градинарите, забелешките беа дека еден дел од сточарите не зеле субвенциите. Но, според нашите забелешки станува збор за коминтенти на Охридска банка иако има сточари што не зеле субвенции, а се во друга банка. Како ќе го надминете проблемот?
Бачовски-Со оглед на тоа дека двете банки се споија, сега сите земјоделци кои имаат сметки во Охридска банка потребно е до АФПЗРР, да достават копија од лична карта и информаци и податоци за новата сметка за да можеме непречено да им вршиме исплата на средствата за субвенции. Вработените доставените барања за промена на податоци брзо ги ажурираат и апликантите без проблем по ажурирање на податоците си ги добиваат парите. Дополнително поради големиот број на сметки кои мора да се заменат со нови за да биде извршена исплатата, во оваа операција ќе ги вклучиме и подрачните единици при МЗШВ се со цел овој процес да има една забрзана динамика.
З.Б-Има поплаки од земјоделци дека со години не зеле субвенции, а уредно аплицираат секоја година. Колку се чести ваквите случаи и на што се должат. Што ќе им порачате?
Бачовски-Ниту една апликација која ги исполнила условите за добивање на поддршка не е одбиена. Сите кои правно – законски ги исполнуваат условите за добивање на финансиска поддршка добиваат средства. Доколку постојат некои лица кои исполнуваат услови за добивање на средства, а се одбиени ги повикувам да дојдат заедно со целокупната документација и да видиме дали има и каде е проблемот. Јас како менаџер на институцијата ќе направам се ако има неправда или пропуст да ги исправиме. Впрочем, на дневна основа сум во комуникација со многу земјоделци, особено преку социјалните медиуми. Сите проблеми, прашања и нејаснотии ги решаваме, одговараме и појаснуваме во најбрз можен рок. Сите земјоделци кои чесно работат треба да бидат наградени за трудот затоа што тоа им е овозможено со закон и со програмата за финансиска поддршка во земјоделството.
З.Б-Во моментот актуелен е јавниот повик за популарната мерка млад земјоделец, преку која Владата за 4 години додели над 500 договори за неповратен грант од 10.000 евра. Дали има заинтересирано за оваа мерка досега и колку земјоделци аплицирале?
Бачовски-Интерес за добивање на поддршка преку Мерката Млад земјоделец има. Базата за аплицирање е се уште отворена, секојдневно пристигаат апликации, но искуството од претходните повици покажа дека секогаш последните денови пристигаат најголем број на барања. Радува податокот што младите луѓе до 40 години преку оваа мерка гледаат можност за отворање на сопствен бизнис со грант од државата. Преку оваа мерка веќе на терен има многу успешни приказни на млади луѓе, дел од нив веќе имаат нови идеи за ширење на бизнисот што беше и лајтмотив при креирањето на оваа мерка. Оваа година направивме сериозен исчекор кон поддршка на земјоделството како професија и примарна дејност, со тоа што најголеми шанси им даваме на регистрираните вршители на земјоделска дејност, регистрирани согласно законот за вршење на земјоделска дејност и законот за пензиско и инвалидско осигурување.
З.Б-Течат роковите и за мерка 7 од ИПАРД програмата, каде на располагање се 13.5 милиони евра за поддршка на земјоделците, занаетчиите, претприемачите и туристичкиот сектор во руралните средини. Каква е заинтересираноста кај земјоделците во овој дел?
Бачовски-Согласно посетеноста на ИПАРД инфо деновите кои се оддржуваа во повеќе населени места со право може да кажеме дека интересот од граѓаните и бизнис заедница е на завидно ниво. Веќе има и апликации кои се доставени до АФПЗРР, но како и за сите други мерки и за оваа очекуваме најголем дел од апликациите да стасаат последните денови. За жал, голем дел од апликантите чекаат последни денови за достава на барањата. Но, без разлика кога и да ги пратат апликациите, наше е да ги примиме, да ги разгледаме и сите кои исполнуваат услови да склучат договори. Со задоволство можам да кажам дека има стопанственици кои покажаа интерес за инвестиции и проекти во повеќе области што е одлично затоа што преку оваа мерка голем број на мали и микро претпријатија гледаат можност за модернизација на погоните или пак за целосно нови капацитети кои ќе произведуваат, колачи, пекарски производи, дел гледаат можност за отворање на ресторани, сместувачки капацитети и многу други инвестиции во речиси сите региони на Република Северна Македонија. Со помош на средствата од ИПАРД 2 програмата, ги развиваме малите и микро претпријатија кои се моторот на домашната економија, на овој начин пак индиректно влијаеме врз намалување на невработеноста и рамномерниот регионален развој на РСМ.
Анета Блажевска