Користете повеќе органска храна за да не внесувате пестициди
Во земјава последните неколку години производството на органска храна оди по нагорна линија. Најзастапено е органското производство на жито, домати, грозје, лубеници, домашни пилиња и јајца. Земјоделците кои произведуваат ваков вид производство велат дека најчесто продажбата е однапред договорена, а најголем дел од производството го продаваат уште на нивите
Македонија ги следи светските трендови во производство на храна и последниве години преку субвенциите го зголеми интересот кај земјоделците за производство на ваков вид храна. Причините за тоа се повеќекратни, а секако најважно е дека органските производи се поздрави и со помалку пестициди. Субвенциите за органско производство од минатата година се зголемени и се за 50 отсто повисоки од оние за конвенционалното земјоделско производство.
– Производството на органска храна е еден од приоритетите на Владата. Затоа силно го поддржуваме, креираме мерки за да ги охрабриме земјоделците да преминат на ваков тип продукција, да се искористат природните ресурси со кои располага државата, вели заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски.
Во Македонија има голем потенцијал да се одгледува органска храна, која не прифаќа третман со пестициди, ниту, пак, какви други хемикалии. Во земјава последните неколку години производството на органска храна оди по нагорна линија. Најзастапено е органското производство на жито, домати, грозје, лубеници, домашни пилиња и јајца. Земјоделците кои произведуваат ваков вид на производство велат дека најчесто продажбата е однапред договорена, а најголем дел од производството го продаваат уште на нивите.
– Ова е многу тежок и комплициран процес на производство. Се добива помал принос, но затоа цената е повисока и така се покриваат трошоците. Најмногу произведуваме органски житни култури. Од нив најмногу јачмен и пченица. Исто така, има органски овошни култури, најмногу лешници, бадеми и ореви. Во последните години се повеќе се зголемуваат површините со градинарски култури, велат во Сојузот на земјоделци на Македонија.
И потрошувачите го следат трендот на купување на органски производи затоа нивната побарувачка и покрај повисоката цена се зголемува.
Според Законот за органското производство, оваа храна е одгледана или произведена по природен пат, без користење на инсектициди, пестициди, вештачки ѓубрива, хормони за растење, антибиотици, вештачки адитиви, вештачки бои и храна која не е генски модифицирана.
Земјоделците велат дека органското производство го има речиси во целата држава. Зависно од видот на производство, се одвојуваат некои региони во земјава каде што тоа е повеќе застапено. На пример, во велешкиот, штипскиот и во радовишкиот регион најразвиено е органското сточарство, во Тиквешијата, освен производство на винова лоза и овошје, има и големи производни површини под жито, особено јачмен и пченица.
Од друга страна, пак, со органското производство, односно со намелена употреба на пестициди се намалува и загадувањето на воздухот, почвата и водите, вклучително и водата за пиење и наводнување. Исто така, сточарите потврдуваат дека со користење на пестициди се загадува и сточната храна, а таквото загадување може да се пренесе на млекото и месото.
Почест негативен ефект врз здравјето на луѓето произлегува од секојдневното консумирање на храна која содржи ниски концентрации на различни пестициди. Како резултат на кумулативното дејство на пестицидите се манифестираат хронични заболувања, како што се нарушувања на ендокриниот систем, невролошки заболувања, канцерогени и репродуктивни заболувања.