Младите заминуваат по градовите, средовечни жени аргатуваат на нивите во Јосифово
Пет жени од утрото до доцна во денот, додека се гледа на дневна светлина на нивите во Јосифово, во екот на есенската сеидба садеа кромид на еден декар површина.
Македонските ниви ќе останат необработени и не обрани без работна сила или ако сакате без аргати. Од година во година производителите на земјоделски култури се соочуваат со недостиг на аргати. Никој не сака да се пече на нива на плус 40 степени или да сади на студ и ветер за минимална дневница од 100 денари за час. Млади по селата има се помалку, па средовечни мажи и жени работата како наемни работници по туѓи имоти.
„Зелена берза“ беше во Јосифово, големо село со над 600 куќи и над 2000 жители. Јосифово, порано: Калучково е село во Општина Валандово, во областа Бојмија и има главно полјоделска функција.
Земјоделските култури отсекогаш биле извор на издршка за поголемиот дел од мештаните од Јосифово. Интересен е фактот дека почвата во овој атар е една од трите најплодни почви во Македонија.
Во минатото, но и денес, полето околу селото изобилува со плодни услови за најразлични земјоделски култури. За време на поранешната СФРЈ, пласманот на земјоделските производи се обезбедувал полесно преку земјоделската задруга „Црвена Ѕвезда-Јосифово“.
Во поново време, традиција стана одгледувањето на зелка, тука успешно се одгледува и винова лоза, бостан, компир, кромид, домати, краставици, пиперки и други култури на помали површини. Доста застапени се и овошните насади. Особено карактеристичен белег за Валандовската општина, па и за Јосифово се јапонските јаболка кои можат да се сретнат посадени на значителни површини. Киви исто така успеваат на ова поднебје. Освен тоа, во Јосифово се среќаваат и насади на маслинки.
Средовечни жени се аргати на нивите во Јосифово
Пет жени од утрото до доцна во денот, додека се гледа на дневна светлина на нивите во Јосифово, во екот на есенската сеидба садеа кромид на еден декар површина.
Ѕвезда Јованова (56), е земјоделец од селото Јосифово и самата работи земјоделие, но како што вели најголем дел од денот работи на туѓи ниви.
-Работам и свои ниви и на туѓи ниви, се стига засега-што да правиме. И дома садам кромид, тутун, зелка, бостан, ама ако сакаш да работиш се наоѓа време да садиш и за други со дневница. Стануваме рано, доцна си легнуваме за да постигнеме се во денот. И дома имаме фамилии, деца, па треба да се направи и вечера и ручек за другиот ден. Затоа сите работиме. Ако сме на своите ниви не се знае кога ќе си заминеме дома, се додека не се стемни, ама ако сме аргати на туѓи ниви се знае, зашто секој сат се плаќа, вели Јованова во разговор за „Зелена берза“.
Тежок е животот на земјоделецот, оценува Јованова. И самата е производител на тутун и годинава треба да предаде околу 800 килограми од жолтото злато. Се надева на подобра откупна цена на тутунот за разлика од ланскиот откуп.
-Од дете, од мои 10 години садам тутун, и нема по тешка работа од да се работи тутун, во споредба со кромид или други култури. Со тутунот се занимаваш цела година, од расадот па се до откупот. Па од рано утро треба да вадиш, да собираш лист по лист, мачно е тоа. Лани го дадовме тутунот за многу евтино. Многу работа за малку пари. Затоа ќе речам состојбите кај нас земјоделците се никакви. Субвенции не земаме зашто не се наши нивите. Секоја година плаќам по 50 евра за декар нива под наем. Треба да се промени начинот на распределба на субвенциите, порачува таа.
Тодора Божинова исто така е наемен работник од селото Јосифово, вели дека заработува за живот со аргатувањето по туѓите ниви, но и дека тешко се наоѓаат работници за во земјоделието.
-Работата на аргатите е тешка, многу работиме малку сме платени. Цел ден сме наведнати над земјата. За 100 денари часот работиме. Работиме по 8 до 9 часа денот, оти за повеќе не се издржува. И самите дома обработуваме по малку ниви со кромид. И таму треба работа. Состојбата со земјоделието е многу лоша. Се што произведуваме е под 10 денари за килограм, значи над 10 денари ништо не можеме да продадеме, не врви, вели Тодора додавајќи дека младите од селата не сакаат да работат земјоделие, па тешко се наоѓаат млади за наемни работници.
-Младите не ја поднесуваат оваа работа. Не сакаат да работата по нивите, ама и нема млади за работа избегаа. Се снаоѓаат по градовите, вели Божинова.
Јосифово е големо село, се наоѓа во близина на течението на реката Вардар, а од градот Валандово е оддалечено 9 километри. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 68 метри.
Атарот зафаќа површина од 19 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 809 хектари, на пасиштата отпаѓаат 476 хектари, а на шумите 390 хектари.
Јосифово е ново и современо населено место. Селото е урбанизирано, со изградена канализација, две медицински установи (амбуланти), основно училиште, пошта, бензинска пумпа, културен дом, голем и мал спортски терен, маркети, земјоделски аптеки, медицинска аптека како и други погодности кои треба да ги ужива денешниот човек, особено во селска средина. На ова село е надоврзано селото Калково, кое се наоѓа на северната страна од Јосифово и е населено со Турци.
Текст-Анета Блажевска
Фото-Ивона Кочов