МЗШВ-Ја завршуваме годината со вкупно 203,5 милиони евра, инвестирани директно во земјоделскиот сектор!!!
2021 ќе биде запаметена како година во која имаме рекордно високи исплати на средства во земјоделскиот сектор.
Заменик – министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски, денеска одржаа работен состанок со новинарите од медиумите кои активно го следат земјоделскиот сектор. На состанокот беа презентирани остварените резултати за 2021 година.
„2021 ќе биде запаметена како година во која имаме рекордно високи исплати на средства во земјоделскиот сектор. Вкупно 203,5 милиони евра, инвестирани се директно во земјоделскиот сектор, по разни основи. Во услови на светска економска и здравствена криза, земјоделскиот сектор беше силно поддржан од државата. Ниту еден од процесите немаше застој, сите програми и мерки имаа успешна и целосна реализација“ – изјави заменик министерот Димковски.
Тој во своето обраќање детално ги анализираше инвестициите во земјоделскиот сектор:
• 146 милиони евра се исплатени за двете програми кои ги креира Министерството, од кои околу 121 милиони евра за субвенции и 25 милиони за инвестиции во рурален развој.
• 18 милиони евра за капиталните водостопански инвестиции, средства со кои долгорочно го решаваме водоснабдувањето и стабилното наводнување.
• 10 милиони евра за втората фаза на проектот за наводнување на јужната долина на Вардар.
• За ИПАРД 2 програмата во 2021 година исплатени се околу 16 милиони евра од кои 12 милиони се учество на европски средства а 4 милиони се од националното кофинансирање. И повторно, веќе трета година по ред, нема да се враќаат пари назад, бидејќи искористеноста е скоро 100%.
• 13.5 милиони евра, од ковид програмата, од кои 5 милиони евра им се исплатени на тутунопроизводителите и уште 8.5 милиони треба да се исплатат деновиве за производителите на грозје, ориз и јаболка.
Заменик министерот потенцираше дека нема реална цена за трудот на земјоделците, тие немаат фиксно работно време, немаат сезона на одмор, ниту паузи во процесот на производство како што имаат другите сектори. Но, затоа секогаш кога имаше потреба, државата интервенираше, во законски рамки и во рамките на буџетот.