Растрошноста за повисоки плати и пензии води кон банкрот!?
Македонската економија креира малку за да може да троши многу за административно зголемување на плати и пензии. Упатените предупредуваат дека цехот од политиките за купување социјален мир може да биде прескап
Платите и пензиите треба да растат, но за колку и со колкаво темпо? Оваа дилема ги мачи многумина во македонското општество во период на криза и секојдневен вртоглав раст на цените. Трендот на поскапувања не запира, а тешко и дека ќе запре, ако се знае дека најголем дел од она што се купува во државата е од увоз, или произведено дома, ама со суровина донесена од надвор.
Власта веќе попушти под притисокот да се зголеми минималецот на 18.000 денари на задоволство на синдикалците, но не и на бизнисот. Но ударот допрва следува со барањата за натамошен раст на плати во сите дејности, вклучително и на пензиите. Тежок предизвик за кој волја за решение има, но по која цена? Во услови на зголемен јавен долг и скромни економски перформанси цехот може многу лесно да стане и драматичен, предупредуваат експертите:
„Точно е дека растот на платите е потребно во македонскиот систем на плаќање на трудот, но да се промовира тезата дека платите треба да растат затоа што растат цените е повеќе од несериозно и популистички, но укажува на длабоко непознавање на политиката на плати и екомијата на трудот. Растот на платите треба да се темели на реален економски раст кој е израз на растот на индустриското производство, извозот и побарувачката на работна сила, односно отварањето на нови работни мерста и зголемување на бруто домашниот производ во земјата. Во услови кога тоа не е случај, како што е сега, растот на платите и пензиите ќе предизвика дополнителен ценовен раст и инфлација. Доколку државата ова не го превенира, оваа година неизбежна е највисока стапка на инфлација во последните 25 години“, предупредува во изјава за Дојче веле универзитетскиот професор Лазар Јовевски.https://www.dw.com/mk/