Украинските трговци ги откажуваат нарачките на зеленчук од Струмичко, земјоделците загрижени за пласманот
Трговецот Благој Витанов вели дека партнерите со кои соработувал ги откажале веќе договорените зделки за увоз на зелка од Струмичко и ќе претстои тешка сезона за земјоделците, пренесува СДК.мк.
По воената агресија на Русија врз Украина, традиционалните украински пазари ги откажале нарачките на зеленучк од Струмичко, каде според домашните трговци се извезувале околу 40 одсто од домашното производство на зелка, пиперки и домати. Трговецот Благој Витанов вели дека партнерите со кои соработувал ги откажале веќе договорените зделки за увоз на зелка од Струмичко и ќе претстои тешка сезона за земјоделците, пренесува СДК.мк.
„Имаме откажувања и ако продолжат вака работите оваа пролет ќе нема извоз во Украина. Домашното производство за некоја недела ќе почне да стасува, но под знак прашање ќе биде пласманот таму, иако се обидуваме да најдеме други пазари. Околу 40 одсто од раноградинарското производството се пласираше таму, но станува проблем. Тоа веќе го чувствуваат производителите од Албанија чиј зеленчук стасува порано од македонскиот, но веќе цените почнаа да паѓат таму оти пласманот кон Источна Европа станува проблематичен“, вели Витанов.
Според него, цените на зеленчукот во земјава кои се релативно високи ќе паѓаат, бидејќи станува збор за увоз од Албанија, Грција и Турција кои исто така се соочуваат со проблеми на источните пазари. Витанов не можеше да одговори какви ќе бидат откупните цени на домашното производство во период кога земјоделските репроматријали двојно поскапеа.
„Ако не се смири ситуацијата ќе биде тешка годината и за нас и за земјоделците“, вели Витанов.
Состојбата во Украина ја следат и земјоделците, кои се свесни дека добар дел од домашното производство на зелка, краставици, пиперки и домати се извезуваа во оваа држава. Земјоделецот од Василево Ристо Велков стравува дека земјоделците ќе го платат цехот, оти трошоците им се значително зголемени
„Сите азотни ѓубрива чии цени вртоглаво се зголемија се од Украина и Русија. Нам производствените трошоци ни се зголемени, а не знаеме дали и по која цена ќе го продадеме. Едноставно, со страв ја очекуваме бербата знаејќи дека струмичкиот зеленчук се пласираше токму во Украина. Не сум убеден дека годианва ќе имаме задоволителни откупни цени“, кажа Велков.
Во втората половина од месецов се очекуваат првите поголеми количини на пролетна зелка од Струмичко, која е засадена на повеќе од илјада хектари под пластеници.https://sdk.mk/index.php/dopisna-mrezha/ukrainskite-trgovtsi-gi-otkazhuvaat-narachkite-na-zelenchuk-od-strumichko-zemjodeltsite-zagrizheni-za-plasmanot/