Честит 8 Март!
Негирање на женските права, дискриминација и насилство, помало учество во политиката и на раководните функции, помали плати за исти работни места, повеќе неформална и неплатена работа, се дел од работите со кои денес се уште се соочуваат жените.
Негирање на женските права, дискриминација и насилство, помало учество во политиката и на раководните функции, помали плати за исти работни места, повеќе неформална и неплатена работа, се дел од работите со кои денес се уште се соочуваат жените. Тие денеска го слават 8 Март како ден на борба за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, но во пракса состојбите го покажуваат спротивното.
Денес се уште е мал бројот на жени на раководни функции, а тие не се и правично застапени во структурите за донесување на одлуки. Дополнително, се уште постои јаз во платите меѓу мажите и жените, односно за иста работа жените се помалку платени од мажите.
Затоа од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ бараат наместо честитки и подароци по повод Меѓународниот ден на жената, Владата да преземе конкретни мерки за надминување на родовиот јаз и на проблемите со кои се соочуваат жените во повеќе области.
– По повод денешниот Меѓународен ден на жената, сакаме да го привлечеме вниманието на општата и стручна јавност за нееднаквата положба на жените и да укажеме на неефективната правна заштита од семејното насилство, ограничените можности за вработување и недостиг на основни здравствени услуги со кои продолжуваат да се соочуваат жените во нашето општество. Затоа, за 8 Март 2022 година наместо подарок сакаме да посакаме „Свет без предрасуди, дискриминација и стереотипи. Свет кој е рамноправен, правичен и инклузивен. Свет во кој се ценат различностите. Свет кој ја слави родовата рамноправност”, велат од ЕСЕ.