Во Швајцарија ќе се јадат македонските органски лешници произведени од млади и успешни земјоделци
Имаме доста квалитетна и плодна земја, може да се каже и наопаку да ги насадиме дрвцата тие ќе се зафатат и ќе раѓаат.
Кога ги добил првите информации за одгледувањето на лешници во Македонија и кога како дополнителен агро бизнис ги засадил не ни помислувал дека само за неколку години ќе крои планови за садење нови ниви, подигање уште поголеми плантажи, набавка на механизација за собирање а уште помалку дека ќе договара извоз за Швајцарија. Симе Стојанчевски од струшкото село Мислешево својата иднина од 2016 година од кога го подигнал насадот под лешници ја гледа се повеќе во родното место со желба за уште поголеми инвестиции откако се уверил во профитабилноста на плантажата.
-Почнав дополнително да се занимавам со земјоделство, бидејќи имам и друг сопствен бизнис. Се покажа добра одлуката да го подигнам насадот со лешниците. Иако е за се друго криза за хранат нема никакви проблеми туку напротив потребно е само да произведеш квалитет по одредени стандарди и нема понатаму проблеми. Јас воопшто немав работено земјоделство претходно, со тоа се занимаваше татко ми но во производството на лешници целосно се пронајдов, дури и самиот не се надевав дека толку ќе ми биде интересно и дека толку ќе му се посветам. Интересно беше и при садењето и изборот на тоа која сорта ќе се посади, понатаму одгледувањето и се околу нив, рече Симе Стојанчевски од село Мислешево Струга.
Иако не знаел многу детали за одгледувањето како нов млад земјоделец вели дека денес речиси се има на интернет и тоа од луѓе кои имаат големи насади и детално објаснуваат што треба да се направи и во кој временски период. Сите стручни совети се достапни и повеќе нема тајни дури и тој сега вели дека може да ги насочува некои што почнуваат како да не направат некои работи што ги увидел дека можело и подобро да се направат. Како пример го посочи растојанието на кое се подигнати неговите лешници. Кога го подигал насадот дрвцата ги засадил на растојание 4 на 3,5 метри но кога потпораснале дрвцата забележал дека оние кои се многу бујни дрва и доста е густа вегетацијата во деловите каде се постојано во сенка има многу помалку плодови. Затоа следната нива која веќе ја подготвува која ќе биде со површина од еден хектар, колку и првата, планира да ги распореди дрвцата на растојание најмалку 5 на 4 метри додека сортата Ночионе не планира да ја менува бидејќи бил презадоволен од родноста.
-Имаме доста квалитетна и плодна земја, може да се каже и наопаку да ги насадиме дрвцата тие ќе се зафатат и ќе раѓаат. Заради квалитетот на почвата растенијата се многу бујни и за да имаат висок род и да имаат провев доволно за да не фаќаат болести потребно им е да имаат доволно растојание. Растојанието е важно и за машините за собирање за кои веќе се размислува бидејќи само собирањето на родот бара работна рака а на овој начин со механизација тоа ќе го правиме многу побргу и понезависно. Иако насадот не е во полна родност и се уште е млад сепак имавме одлични приноси и сме презадоволни вели Стојанчевски.
З.Б