
Кравите во Крива Паланка ги скараа АХВ и градоначалникот
Според градоначалникот Сашко Митовски, општината нема надлежност за постапување, но од Агенцијата за храна и ветеринарство го велат спротивното
Жителите на селата Трново, Добровница, Узем, Кркља, Варовиште, Дрење и Станци вчера одржаа мирен протест пред зградата на Општина Крива Паланка барајќи решение за проблемот со неконтролирано движење на крупен добиток а на протестот присуствуваше и градоначалникот Сашко Митовски, објави МЕТА.
Граѓаните посочија дека со години трпат штети на посеви, ниви, дворови и помошни објекти, како и дека им е загрозена безбедноста во сообраќајот. Дел од нив тврдат дека биле изложени и на закани и притисоци од сопствениците на животните.
Според нив, се соочуваат со истиот проблем повеќе од 15 години, односно неконтролирано движење на крупен добиток низ селата, нивите, дворовите и помошните објекти. Тие побарале трајно решение со кое ќе се заштитат и нивните имоти и добитокот.
Еден ден пред протестот, Министерството за внатрешни работи лишило од слобода 27-годишна жена од село Жидилово, затоа што спречила вработени од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во извршување на службени дејствија. Според МВР, службените лица постапувале по решение за спроведување мерки за одземање на домашни животни.
Истата жена, во декември минатата година, имаше конфликт со службени лица на АХВ. Тогаш, како што соопшти Јавно обвинителство, татко и неговите две ќерки биле осомничени дека со сила и сериозна закана спречиле службени лица да постапат по правосилно и извршно решение за одземање на крупен добиток.
По најновите случувања се отвори и јавно несогласување околу надлежностите. Според градоначалникот Сашко Митовски, општината нема надлежност за постапување, но од АХВ го кажуваат спротивното.
„Општината нема законски надлежности за постапување во овој случај, тие се исклучиво во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство“, изјави Градоначалникот Митовски во интервју за Призма
Од Агенција за храна и ветеринарство најостро реагираа на ваквата изјава. Оттаму наведоа дека согласно Законот за јавна чистота, контролата на одржувањето на јавните површини, односно чувањето и напасувањето на крупен добиток на јавни површини, е во надлежност на општината.
„Го потсетуваме Митовски дека неодговорно е кон сопствените граѓани и жители на паленечките села тој да се иззема од одговорност која ја има во овој случај, бидејќи согласно Законот за јавна чистота, член 14 став 1 точка 11, контролата на одржувањето на јавните површини односно чување и напасување на крупен добиток (вклучително и на говеда) на јавни површини ја има токму Општината. Ако сакаше, Митовски и досега можеше да го реши проблемот“, посочуваат од АХВ.




