Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Увозот ги „згази“ кочанскиот ориз, струмичката пиперка, тетовскиот грав

Доколку државата воведе прелевмани, увозникот ќе мора да ја плати оваа дополнителна давачка, со што увозниот производ ќе стане поскап од домашниот и нема да може лесно да му конкурира.

Неконтролираниот увоз на земјоделски производи го уништува домашното производство, реагираат македонските земјоделци. Според нив, државата располага со механизми преку CEFTA за заштита на домашниот пазар, но тие не се користат доволно. Како една од мерките се посочува воведувањето општи заштитни механизми, односно привремено зголемување на царините или воведување квоти, доколку увозот на одреден производ драстично се зголеми и предизвика сериозна штета врз домашното производство или нарушувања во одреден сектор од економијата, oбјави https://www.vecer.press

Земјоделскиот експерт и универзитетски професор, Илија Каров, вели дека увозот на земјоделски производи не може целосно да се запре, но може да се воведат прелевмани, односно дополнителни давачки или заштитни мерки кои државата ќе ги примени при увоз на одредени земјоделски производи со цел да го заштити домашното производство од евтин или прекумерен увоз. На пример, ако увозното овошје, зеленчукот или месото се продаваат по значително пониски цени од домашните производи, државата може да воведе прелевмани за да ја зголеми цената на увозните производи и да им овозможи поконкурентни услови на домашните производители.

– Доколку државата воведе прелевмани, увозникот ќе мора да ја плати оваа дополнителна давачка, со што увозниот производ ќе стане поскап од домашниот и нема да може лесно да му конкурира. На тој начин, корист ќе имаат и државата и земјоделците, бидејќи ќе се заштити домашното производство. Значи, државата има механизми за контрола на увозот, но тие не се користат доволно. Поради недоволната заштита на домашното производство, многу увозни производи на пазарите и во маркетите се продаваат како домашни. Таков е случајот со доматите и краставиците од Албанија и Турција, оризот од азиските земји што се продава како кочански, како и гравот од Египет, Таџикистан, Ерменија што се продава како тетовски, вели Каров за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека проблем претставува и тоа што дел од производите што се увезуваат, потоа се извезуваат во Србија, Косово и Албанија како македонски производи. Според него, на тој начин се нарушува угледот на македонските земјоделски производи, кои важат за едни од поквалитетните на пазарот.

– Како и кај останатите производи, така и кај земјоделските е важно да се знае кој е производителот, од каде е увезен и кој го увезува. Државата може да го провери тоа преку Царината, а Државниот пазарен инспекторат може да контролира дали производите што се продаваат на пазарите или во маркетите се домашни или увезени. Доколку се утврди дека не се домашни, тоа претставува трговска измама и е казниво дело. Увозот не може целосно да се спречи, но може да се намали преку воведување прелевмани, со кои ќе се зголемат давачките за увозниците и ќе стане неисплатливо увезувањето на одредени производи, појаснува Каров.

Според него, на овој начин ќе се заштити домашното производство и ќе се спречи падот на откупните цени, бидејќи не може домашниот ориз да се откупува по 22 денари, а во маркетите да се продава по 100 денари за килограм.

На ова неодамна укажаа и од Националната земјоделска мрежа, од каде што велат дека ваквата политика го уништува земјоделскиот сектор.

Поврзани новости

Back to top button