Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Македонија ги одбележува двата Илиндена – најзначајни настани за македонската државност

Честит празник Македонци каде и да сте! Вековит Илинден!

Македонија денеска ги одбележува двата Илиндена – 123 години од Илинденското востание и Крушевската Република и 82 години од Првото заседание на АСНОМ, два најзначајни настани за македонската државност.

Годинава се одбележуваат 123 година од Илинденското востание и 82 години од Првото заседание на АСНОМ.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево, а последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамки на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил  Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

Поврзани новости

Back to top button