
Агенцијата за храна и ветеринарство апелира и сточарите да бидат внимателни
На фармите да се внимава на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, на испустите треба да има натстрешници или природни ладовини.
По најавата на УХМР за топлотниот бран што ќе ја зафати земјава во наредните денови, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) предупредува дека на удар се и животните, поради што е неопходно нивно соодветно згрижување.
Според АХВ, доколку животните се држат во несоодветни услови, кога температурите се исклучително високи, во објекти со висок процент влага и недоволна вентилација, може да дојде до топлотен удар.
Сончаница, пак, се појавува како последица на непосредно, директно изложување на сончево зрачење. И во двата случаја, исходот може да биде фатален ако не се делува навреме и доколку животните се изложуваат на напорната работа или се транспортираат при високи температури.
-Порастот на температурите претставува стрес за секое животно, а може да се манифестира со намален апетит, послабо внесување храна, зголемена потреба за вода, намалено производство на млеко и слаб прираст. Забрзано и плитко дишење, несигурен од – (тетеравење), изразена зголемена телесна температура, забрзан пулс, исплашен поглед, зголемена жед, тикови и грчеви на мускулите кои се јавуваат на крај, со неповолна прогноза, се дел од симптомите по кои може да се препознаат топлотниот удар и сончаницата кај животните за што е неопходна итна реакција – велат од АХВ.
Во вакви услови, додаваат, животното треба да се смести во ладовина или во разладена просторија, каде што има доволно свеж воздух, да му се даде доволна количина свежа вода, телесната температура да се намали со туширање/прскање со умерено ладна вода или со покривање на главата и вратот со ладна и влажна крпа, но, треба да се внимава ладењето на животното да не биде премногу брзо.
Од АХВ предупредуваат, домашните миленици да не се оставаат во затворени автомобили кои се директно изложени на сонце, ниту да се изнесуваат на прошетка во најтоплиот период од денот. Сопствениците да им обезбедат доволна количина, постојано свежа и чиста вода, како и престој во проветрени простории.
-На фармите да се внимава на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, на испустите треба да има натстрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да биде во раните утрински или вечерни часови, периоди кога треба да се организира и транспортот на животните или да се користат за работа, бидејќи тогаш температурите се пониски- препорачува АХВ.



