fbpx
Вести

Афионот може да биде лек против сиромаштијата

Самото споменување на афион може да наведе на помисла на меѓународна трговија со наркотици, која врти милијарди долари во испрани нарко-долари и осудува безброј луѓе на мизеријата на зависност од хероин.

afionot mozhe da bide lek protiv siromashtijata

 

Сепак, Република Македонија е традиционален производител на опиумски афион, кој во 1990-тите беше намален поради стравувањата дека оваа култура може да се користи за производство на илегални дроги.

Тогаш хероинот беше одговорен за убиство на илјадници европски зависници.

Сега македонските експерти и академици повикуваат на враќање на одгледувањето афион за да се зајакне слабата економија. Според нив, афионот може да биде лек против сиромаштијата, бидејќи многу македонски земјоделци се уште се сеќаваат на техниките за негово одгледување.

Опиумскиот афион, чие латинско ботаничко име (papaver somniferum) значи „афион кој носи сон”, исто така, е и еден од националните симболи на оваа мала балканска држава.

Околу 14.000 хектари со бели и розови булки традиционално се одгледуваат за поддршка на животниот стандард на многу рурални македонски семејства, кои ги продаваат приносите на фармацевтската индустрија, која го користи за производство на лекови против болки кои се издаваат на рецепт, како што се морфиумот и кодеинот.

Реколтата за оваа година веќе е во тек, иако само 100 хектари афионови полиња останаа во земјата.

„Македонија без афион е како Франција без своите лозја, Шпанија без серано шунката или Холандија без лалињата”, вели Зоран Димов, професор на Факултетот за земјоделство во Скопје.

Првиот македонски афион бил посаден во 1835 година за време на владеењето на Отоманската Империја. Кон крајот на 19 век, 30 отсто од вкупното производство во турската империја доаѓало од Македонија.

Австроунгарската Империја, водечки регионален ривал на османлиското владеење, внимателно го следела македонското производство на афион, бидејќи секое зголемување на производството значело дека Турците се подготвуваат за војна.

Опиумот се користел за олеснување на страдањата на ранетите војници.

Иако Отоманската Империја пропадна, афионот остана во Македонија.

„По Втората светска војна, Македонија остана единствениот производител на афион во поранешна Југославија”, вели Димов. „Може да се пофали со фактот дека произведуваше една од сортите со најголем принос во светот, со содржина на суров морфиум од 14 до 16 проценти”.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close