Агенцијата за храна и ветеринарство спречи влез на 24 тони пилешки џигер заразен со салмонела наменет за македонскиот пазар
Во Македонија е спречен влез на 24 тони пилешки џигер заразен со салмонела. Се работи за пратка која била увезена од Бразил пред неколку дена. Џигерот бил наменет за македонскиот пазар, но е запленет од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Од Агенцијата велат дека пратката е два пати тестирана и во двата случаја резултатите покажале дека месото не е безбедно за јадење. Директорот на Агенцијата Зоран Атанасов за тв 24 вели дека фирмата извозник од Бразил кај нив е рангирана како високо ризична, зашто и претходно се покажало дека нивните производи се небезбедни за јадење. Затоа Агенцијата го контролира секој увоз што доаѓа од таа фирма во Македонија. Атасов убедува дека заразените пилешки џигери не се пуштени во промет и не завршиле во чиниите на граѓаните, зашто се чуваат под надзор на Агенцијата.
Зоран Атанасов, директор на АХВ
„Со лабораториските испитувања кои што се направени од фирмата Слога Интернационал, која прави увоз на пилешки џигер од Бразил, по првата анализа е добиен позитивен резултат на салмонела. Направена е дополнителна суперанализа која исто така покажа дека пратката е позитивна, однсоно дека пратката не е безбедна за консумирање од страна на потрошувачите. Пратката се наоѓа во магацините на споменатата фирма и е под контрола на Агенцијата.
Од компанијата увозник на пилешкиот џигер велат дека ќе постапат како што ќе им укажат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Ќе го известат добавувачот и во консулатции со него ќе одлучат што ќе прават со месото.
Од Агенцијата за храна велат дека според регулативата компанијата има две опции. Да ја го врати пилешкиот џигер назад од каде што го земале, односно во Бразил или Агенцијата да ја уништи пратката на депонијата Дрисла. Трошоците ќе бидат на сметка на увозникот. Македонската компанија увозник, велат од агенцијата, нема да се соочи со ниакква казна зашто месото не е пуштено во промет.
Во април Агенцијата за храна спречи влез на 18 тони сувомеснати производи со неисправни декларации. Се работеше за пратка која содржела чаден свински врат, чадена печеница и хамбуршка сланина со потекло од Холандија. Оваа пратка беше вратена во Холандија, зашто како што велат од Агенцијата, спорни биле декларациите, а не безбедноста на сувомеснатите.
Извор:24инфо