fbpx
ВестиТоп вести

АХВ од денес ја прекинува вакцинацијата на свињите против болеста класична свинска чума

 

 

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од денес ја прекинува вакцинацијата на свињите против болеста класична свинска чума, како дел од сетот превентивни активности, кои ги презеде во изминативе две години, со цел создавање услови за добивање на дозвола за извоз на домашно свежо свинско месо на европскиот и светскиот пазар, каде расте и побарувачката и цената на овој тип месо. За прекинот на вакцинацијата, известени ќе бидат Европската унија и Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ која, на Република Северна Македонија, очекуваме во текот на 2021 година да и го додели статусот на земја слободна од класична свинска чума.

 

Очекувањата се дека реално, со пласман на првите количини свинско месо од земјава може да се почне во 2021 година, односно, најмалку една години откако земјава ќе престане со превентивната вакцинација на свињите, мерка која е забранета во ЕУ, а каде болеста е успешно искоренета и ставена под контрола.

 

Во изминативе две години, АХВ активно работеше на преземање на активности за создавање на услови за престанок со превентивната вакцинација, како основа за отворање на пазарот за свежо свинско месо од земјава. Врз рамки на тригодишниот Акциски план кој го донесе Агенцијата, минатата и оваа година, интензивирани беа активностите за подигнување на повисоко ниво на биосигурносните мерки во фармите со свињи, а направена е и нивна категоризација според степенот на нивна имплементација и степенот на ризик. Надграден е постоечкиот модул  за свињи во рамки на Информацискиот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство со евидентирање и на индивидуалните одгледувачи и движењето на свињите.

Во 2018 година спроведен е вонреден, а годинава и редовен попис на одгледувалиштата, во рамки на кој се евидентирани вкупно 2.315 свињарски фарми со 125 илјади товеници.

Агенцијата за храна и ветеринарство во изминатите години спроведуваше мониторинг на ефикасноста на извршената вакцинација против класична свинска чума кај свињите во комерцијалните фарми, и го мониторираше и присуството/отсуството на вирусот на болеста и кај  популацијата на диви свињи. За оваа намена се вршеа лабораториски испитувања на отстреланите диви свињи од страна на  ловните друштва со кои АХВ има склучено договори.

 

За справување со оваа болест донесен е Планот за итни мерки, а подготвен е и оперативниот прирачник за постапување во случај на појава на класична свинска чума. Континуирано се работи на едукацијата на фармерите, официјалните ветеринари и ветеринарните друштва, преку организирање на работилници, трибини и подготовка на информативно – едукативен материјал.

 

По престанување со превентивната вакцинација на свињите против класичната свинска чума, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со преземање на активности за брзо и навремено откривање на болеста, зајакнување на подготвеноста на институциите за брза и навремена реакција во случај на нејзина појава и за докажување на присуство на вирусот. Во рамки на планираните идни активности се и подготовка на спецификација за набавка на вакцина, или за приклучување на земјава кон банката на вакцини за оваа болест, како и подготовка и имплементирање на програма за надзор на класичната чума кај свињите преку земање на мостри од фармите и кланиците, со цел испитување дали се почитува решението кое АХВ го донесе на 24 септември годинава, а со кое од 01.10.2019 година, со кое се забранува превентивната вакцинација кај свињите во земјава и се наредува на ветеринарните друштва повлекување од промет на вакцината доколку ја имаат на залиха.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close