fbpx
ВестиМакедонијаСоветиТоп вести

Актуелни состојби и препораки за заштита на тутунскиот расад

Да се произведе здрав и квалитетен расад e основа за успешно тутунопроизводство. Самиот процес го пратат многубројни проблеми од кои појавата на болестите има доминантно место. 

Во леите се создаваат микроклиматски услови кои придонесуваат за развој на патогените и појава на болестите. Затоа правилната припрема на леите и одржувањето на оптимални услови  во нив се клучен фактор за да се спречи нивната појава. Иако тутунопроизводителите се со богато искуство во поглед на расадопроизводството, секогаш оправдано се потенцираат превентивните мерки за спречување на појавата на болестите а тоа се: правилен избор на леите за расадопроизводство, промена на местото за леи, правилно (необемно) полевање и непрекумерно оптимално прихранување во зависност од фазата, плевење и најважно, често проветрување.

Како многу важен фактор за успехот, покрај превентивните мерки, примената на хемиски средства за заштита е најчест и најприменуван метод.

Таа е скоро неизбежна во современото производство на тутунски расад и покрај бројните можности и методи, но и потребите за примена на одржливо производство на тутун. Потребата од хемиска заштита е наметната од деструктивноста на болеста која најчесто го напаѓа тутунскиот расад.

Болести на тутунскиот расад

Најчестата и скоро редовно присутна болест на тутунскиот расад е „сечење. Таа може да се појави во сите фази, уште при поникнувањето па сé до бујниот пораст на расадот. Затоа, следењето на општата а пред се здравствена состојаба на расадот е многу важна.

Иако може да се именува и под други имиња како гниење на расадот, топење и сл, на тутунопроизводителите им се познати симптомите на оваа болест. Затоа во оваа прилика нема да бидат обработувани. Но, она што е помалку познато и вредно е да се спомене дека предизвикувач на болеста не е само една патогена габа. Тоа се Pythium debarianum и Rhizoctonia solani а многу често станува збор и за двојна инфекција. Симптомите на болеста кај двата патогена се слични, што создава дополнителни проблеми. Оттука, правилниот избор на фунгициди е многу важен.

 

Заштита, интервал на третирање

Голем дел од производителите започнунуваат со превентивно третирање против сечењето по вкрстувањето на расадот. Но, како што беше на почетокот напоменато, потребно е редовно следење на здравствената состојба, навремено реагирање и будност – собено при собено при поволни услови за појава на болеста,  како врнежливи временски услови, влажни леи и сл. Не треба да се заборави и можноста за појава на болеста уште при поникнувањето. Во сите овие случаи, превентивната заштитата е оправдана од веќе назначената деструктивност на болеста.

Пожелно е (во зависност од употребениот препарат) по 10-15 дена повторно да се изврши третирање бидејќи во таа фаза веќе се зголемуваат и критичните услови за појава (поинтензивен развој, поголемо задржување на влагата, зголемување на температурите и др).

Во текот на расадопроизводството најчесто се практикува 2-3 третирања. Последното третирање се врши непосредно пред расадувањето. На неговото значење ќе се осврнеме во завршницата на написот.

Интервалот на претирање е определен најчесто од состојбата на расадот и добиената ефикасност при претходното третирање. Но, секако почестото третирање не значи поголем успех. Во тоа најголема улога има препаратот со својата ефикасност во сузбивањето на причинителот. Во некои случаи еден фунгицид успешно ги сузбива и двете габи.

 

Избор на фунгициди

* Споменати се само долго употребуваните, познати во пракса препарати. Во понатамошниот текст се посочувани само активните материи со цел да не се фаворизираат трговски имиња на пестициди, хемиски компании како и нивните застапници.  Бидејќи земјоделските аптеки се снабдени со препарати со овие активни материи, посочувањето само на активната материја не би бнило пороблем при набавката.

*Препорачаните активни матери се во согласност со  листа на одобрени производи за заштита растенијата на Република Северна Македонија, согласно законот за производи за заштита на растенијата и директивите на Европската Унија.

Нивната примена исто така е во согласност со програмата за следење на добра земјоделска пракса на  тутунските кмпании

 

Долго време на пазарот беа присутни мал број на фунгициди за заштита на расадот, познатиот Previcur (со активна материја propamocarb) и  Top M (thiophanate methyl). Нивната употреба и денес е најприфатена.  Но, поради присуството на двете патогени габи предизвикувачи на сечењето, се препорачува комбинација од овие препарати (propamocarb + thiophanate methyl). Дозата или концентрацијата во која се применуваат при комбинација е истата како и при поединечна употреба.

Во последно време на пазарот се присутни и други, нови препарати, со нови активни материи или комбинации. Тие имаат докажана ефикасност и сé повеќе се употребуваат во заштитата на тутунскиот расад.

Тука повторно би го споменала propamocarb кој е застапен (со различна содржина) во комбинација со други активни материи- cymoxanil  или folpet. Сепак, трговското име укажува на оваа актива материја.

Во поновите фунгициди за заштита од сечењето со  висока ефикасност се истакнуваат:

– фунгицид со активна материја azoxystrobin (250 g/l ) која обезбедува висока ефикасност при примена во концентрација од 0,1 до 0,2%

– комбинацијата на активни материи 267 g/kg boscalid + 67g/kg pyraclostrobin применета во концентрација 0,1%.

– комбинацијата 300 g/l ametoctradin +225 g/l dimetomorph (концентрација 0,1%)

– Како понов контактен фунгицид се истакнува комбинацијата  – 120 g/kg ametotradin +440 g/kg metiram.

Некои насоки за успешна заштита од сечењето

Третирањето со контактни фунгициди се препорачува во периодот помеѓу третирањата со системиците или во зависност од интензитетот на напад односно здравствената состојба. Исто така во праксата често се употребуваат при појава на друга болест или состојба на расадот.

*Како докажана, активната материја mancozeb сеуште е дозволена а со тоа има можност за употреба.

 

Комбинациите на фунгициди се оправдани и често се препорачувани од аспект на претходно анализираните факти.

За што поуспешна заштита на тутунскиот расад од оваа болест се препорачува промена на препаратите, односно активните материи, особено  во случај на ширење на болеста.

Сечење на тутунскиот расад во различни фази на развој на расадот и различен интензитет на напад

 

Други болести на тутунскиот расад

Следењето на здравствената состојба на тутунскиот расдад како и климатските услови веќе е назначено. Во текот на расадопроизводството постојат услови за појава и на болеста пламеница (предизвикувач –Peronospora tabacina). Опасноста е голема во влажни периоди кои се поволни за појава на болеста но и згусната лисна маса (поволна за задржување на водените капки како можност за инфекција). Со цел да не се пропушти заштитата од неа поради акцентираната состојба со сечењето, при третирањето со фунгициди се вклучува и препарат за заштита од пламеницата, особено во врнежливи години. Најчесто тоа е а.м mancozeb –како контакни но и системични фунгициди на база на оваа активна  материја во комбинација со други, но најчесто како комбинација metalaxyl + mancozeb.

Секако, се следи и состојбата со штетниците и при тоа, доколку е потребно, се врши примена на адекватни инсектициди.

     Пламеница на тутунски расад

Значење на успешна заштита

Заштитата на тутунскиот расад пред сé значи намалување на штетите предизвикани од штетните агенси. Секако, правилниот избор на средства за заштита има голема улога во реализирањето на таа цел, поради што беа изнесени и препораки за истите. Од друга страна, со успешна заштита и здрав расад би се намалиле и проблемите со здравствената состојба на расадениот тутун како и трошоците за средства за заштита во понатамошниот период.

 

   Здрав тутунски расад

*Од особено значење е третирањето на расадот со системичен фунгицид против пламеницата непосредно пред расадувањето, 1- 2 дена (заедно со инсектицид со кој се сузбиваат штетниците-вектори на некои значајни вирози на туутнот). На тој начин расадениот тутун е превентивно заштитен одреден период против габните болести како пламеница и црнилка, како и вирози. Она што е особено корисно, на овој начин имаме мала потрошувачка на препарат по единица површина, а секако и заштеда на скапоценото време на земјоделецот. 

Автор:

Д-р Биљана Гвероска

Научен институт за тутун-Прилеп

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close