fbpx
ВестиТоп вести

Албанија и Косово ни ги земаат пазарите, нашите земјоделски производи остануваат дома

Потребно ни е организирано производство и отворање на повеќе преработувачки капацитети, во спротивно македонското земјоделство ќе стане неконкурентно на надворешните пазари, а неговото место ќе го заземат Албанија и Косово, како што покажа последната анализа на Факултетот за земјоделски науки и храна

За напредок на македонското земјоделство потребно е организирано производство, договорени откупни цени, како и производство со однапред договорен квалитет и квантитет. Ова се дел од заклучоците на земјоделскиот форум „Организирано земјоделство до сигурен пласман“ организиран од Националната федерација на фармери (НФФ) во рамки на проектот „Институционална поддршка на НФФ“, поддржан од шведската фондација Ње Еффецт.
Како што истакна Васка Мојсовска, претседател на НФФ изминативе три децении од осамостојувањето до денеска ние не направивме добри стратегии кои што ќе ги имплементираме за да го зајакнеме нашето земјоделство и затоа се наоѓаме на ова ниво.
-Кога станува збор за откупот на земјоделските производи за сите нас посебен проблем се нелојалната конкуренција, односно нерегистрирани откупувачи кои негативно влијаат на договорените односи и организираното производство. Поради тоа, апелираме да има поголем инспекциски надзор и детектирање на дивите откупувачи, бидејќи го пореметуваат пазарот и во многу случаи ги манипулираат земјоделците, вели Мојсовска.
Како една од пречките со кој се соочува земјоделскиот сектор, Мојсовска ги напомена недостатокот на едукација и инвестирање во нови технологии од страна на земјоделците, недостаток на работна сила, немање на сезонски работници, непостоење на потребни технологии за продолжување на рокот на траење, недостиг на преработувачки капацитети, мал принос по единица производ…
-Организираното производство за земјоделците значи сигурен пласман, за откупувачите сигурна сировина и исполнување на договорите со странските партнери. Следејќи ги трендовите на понудата на побарувачката на светските пазари земјоделците и откупувачите преку договорното производство заеднички можат да го организираат производството, да направат план за потребните количини и квалитет и да се спречи појава на вишок на земјоделски производи, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостиопанство, Љупчо Николовски, на кого ова му беше последен настан од неговиот мандат.
Како што истакна тој, не можеме да зборуваме за развиено земјоделско производство ако немаме современи откупно-дистрибутивни центри. Поради неорганизираноста на производството речиси секоја година се соочуваме со вишок на земјоделски производи кои нема каде да се пласираат.
Како што беше истакнато на Форумот, последната анализа на пазарите на Факултетот за земјоделски науки и храна покажала дека за нас голема закана стануваат Албанија и Косово. Според податоците од анализата увозот од овие две земји во кои ние порано извезувавме се зголемува, а тие стануваат наши конкуренти на другите пазари.
Поради тоа од НФФ апелираат дека е потребно отворање на повеќе преработувачки капацитети, договорено производство, здружување во кооперативи, употреба на сертифициран материјал и заштитни средства, како и креирање на други мерки кои ќе овозможат јакнење на земјоделството.

Извор: вечерпрес

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close