Зголемени откупните цени на јаболкото

На зелените пазари цените на јаболкото есенва се речиси двојно поголеми. Најскапа е сортата црвен делешес кој на почетокот од месецов се продаваше за 40 денари за килограм, а лани беше 27 денари. Откупната цена пак е од 20 до 25 денари за екстра класа, а индустриското јаболко чини од 5 до 8 денари за килограм.

Јаболката на пазарите на оваа есен се продаваат со повисоки цени од ланските. Пролетните мразеви, а подоцна и градот кој го зафати најголемиот регион за производство на јаболка, Ресенско- преспанскиот, го преполови родот што донесе помала понуда и поголема цена на јаболкото.

На зелените пазари сортата „Ајдаред“ во просек се продава за 34 денари додека лани еден килограм се мереше 26 денари, што е поскапо за 32 проценти. Цената на Златниот Делишес чини 33,5 денари што е повеќе за скоро 20 отсто.

Најголемо поскапување од 45 проценти има кај „Црвениот Делишес“ кој се продава по 40 денари за разлика од минатиот октомври кога цената не беше поголема од 28 денари.

Откупните цени на јаболките за екстра класа од Црвениот и од Златниот Делишес се од 20 до 25 денари за килограм, а за Ајдаредот 15 до 20 денари. Индустриското јаболко се откупува од 5 до 8 денари.

Share Button