fbpx
Вести

Албанските домати ги преполовија цените на домашните

Само една недела по почетокот на бербата на доматите и краставиците во Струмичко нивната цена речиси се преполови. Земјоделците се загрижени и се надеваат дека станува збор за привремен проблем во откупот, бидејќи цената е многу ниска и не ги покрива производствените трошоци. И откупувачите го потврдуваат трендот на опаѓање на откупните цени на раноградинарските производи. Продажната цена на краставиците на кванташките пазари се спушти на 10 денари за килограм, на доматите 20 денари, а пиперките се продаваат по цена од 20 до 30 денари за килограм во зависност од квалитетот.

Годинава и покрај сите климатски непогоди производството на градинарските култури е со добар квалитет. Според земјоделците причина за намалените откупни цени покрај намалениот извоз е и континуираниот увоз на домати од Албанија. Нивните домати имаат пониска производствена цена поради поблагата клима и албанското производство стасува неколку недели пред домашното.

– Нема аграрна стратегија, нема извоз. Годинава соседите не ги сакаат македонските домати. Се надеваме дека за една недела цените на раноградинарските култури ќе се зголемат. Албанските домати ќе поминат и ќе останат само домашните, а се очекува да се зголеми извозот на македонските градинарски култури во Русија, вели Ване Митев претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица.

Според него, причина за тоа е намалената побарувачка од пазарите, каде досега се извезуваше, како што е во Бугарија, Украина, Романија и сите поранешни југословенски републики, како и во Чешка, Словачка и Полска.

– Цените паднаа, но не многу и на некој начин се нормални за овој период. Доматите, кои изминатите денови се откупуваа и до 50 денари за килограм, сега се преземаат од трговците од 20 до 25 денари за килограм. Краставиците се откупуваат по цена од 20 до 25 денари, а пиперките 40 денари за килограм, вели еден земјоделец од село Дабиле.

Причината за намалувањето на откупните цени на нашите раноградинарски производи е што во земјите каде извезуваме се појави нивно производство. Таков е случајот со пазарите во Чешка, Словачка и Полска.

Според земјоделците цената од само 20 денари за килограм домати е многу ниска и не ги покрива производствените трошоци. Поради тоа, тие се надеваат дека станува збор за некои неусогласености на почетокот на откупот и оти нивната цена наскоро ќе се зголеми.
Откупот на доматите почна пред две недели по цена од 35 до 40 денари за килограм. Во следниот период се очекува најголема понуда, затоа што ќе стаса речиси целото производство од пластеници.

 


 

вечер

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close