fbpx
ВестиМакедонија

Американска компанија сака да гради фабрика во „Жабени“ крај Битола

Неофицијално дознаваме дека станува збор за компанија „Jennmar“ со седиште во Питсбург, која произведува рудраска и тунелска опрема од највисок квалитет.

Американска компанија за производство на рударска опрема била заинтересирана да гради во зоната „Жабени“ крај Битола. Неофицијално дознаваме дека станува збор за компанија „Jennmar“ со седиште во Питсбург, која произведува рудраска и тунелска опрема од највисок квалитет.

Ако се реализира намерата ова ќе биде втора поголема странска инвестиција после германската фабрика за производство на автомобилски делови „Кромберг и Шуберт“. Потенцијалниот странски инвеститор како ретко кога ги зближи ставовите на власта и опозицијата во Битола, па и едните и другите гласаа за отстапување на дел од зоната „Жабени“ на државата, бидејќи државата понатаму ќе треба да се грижи за новата зона и да ја подобри носивоста на земјиштето.

„Жабени“ е  изградена на мочурливо земјиште кое тоне во вода. Уште владата на Никола Груевски вложи еден милион евра во тампонирање на земјиштето пред да се изгради фабриката „Кромберг и Шуберт“. Тогаш во јавноста се отвори дилемата зошто зоната се лоцира и гради на мочурливо земјиште, но аргументите беа дека „Жабени“ е блиску до Грција, до пристаништето во Солун, а со тоа и до  Европската унија. Сега покрај „Жабени“ минува крак од обновената железничка пруга Битола-Кременица.

„На денешната седница на Советот  донесовме одлука со која го скративме опфатот на ИЗ ‘Жабени’ за две парцели со површина од 32.000 м2. Постои сериозна заинтересираност за вложување во зоната на голема странска компанија, која разгледува неколку места во државата каде да вложи. Со оваа одлука сакаме да дадеме рамноправна можност на Битола да влезе во трката на таа странска компанија и да ја донесеме во ‘Жабени’“, рече Валентин Груевски од ЛДП, претседател на Советот на Општина Битола.

Според него, се работи за инвестиција од 15 милиони евра, компанијата со годишен извоз од 150 милиони долари.

Опозицијата е согласна земјиштето да се префрли на државата со цел инвеститорот да вложи во Битола, а не на друго место.

„Ова е стратегија започната од мината власта и за сѐ што е во насока на привлекување на директни странски инвеститори даваме апсолутна поддршка. Факт е дека ‘Кромберг и Шуберт’ од 2012 до денес инвестирала околу 72 милиони евра во Жабени, а општина Битола во изминатите три и пол години евра нема инвестирано ниту 72 денари во подобрување на инфраструктурата и зголемување на атрактивноста на ‘Жабени’ за нови инвеститори. Останува и натаму проблемот со прочистителната станица во ‘Жабени’“, рече Иванчо Тошевски, советник од ВМРО-ДПМНЕ.

Факт е дека фабриката „Кромберг и Шуберт“ го смени животот во  пелагонискиот регион. Денес  во фабриката работат околу 6.000 лица од Битола, Прилеп, Ресен и околните рурални општини. Сега се најавува дека со новата американска компанија на почеток ќе бидат вработени стотина работници, но дека како ќе расте инвестицијата ќе расте и бројот на вработени од регионот.  https://nezavisen.mk/amerikanska-kompanija-saka-da-gradi-fabrika-vo-zhabeni-kraj-bitola/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close