fbpx
Вести

Анализа: За што го користат интернетот македонските земјоделци?!

Македонските ниви ги обработуваат земјоделци, чија просечна старост е 57 или 58 години. Младите не се заинтересирани за производство на храна во своите села, забележува, Ефтим Шаклев претседател на Асоцијацијата на земјоделците, но и универзитетските професори, кои работеле на истражувања, спроведени на терен. Земјоделскиот експерт од Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Васко Златковски вели дека македонското земјоделство засега не напредува бидејќи мал број на земјоделци ги користат информациите од интернетот, ретко кои од повозрасните знаат и да работат на компјутери.

– Истражувањето кое беше спроведено покажа дека нашите земјоделци од аспект на години се, ајде нема да ги наречам стари, туку искусни години. Просечната старост на анкетираните беше некаде околу 57 или 58 години и на прашањата кои што беа поделени во неколку групи, во делот на тоа; Дали користите интернет или не? Одговорија некаде околу 40 проценти. Но, во делот кога беше поставено прашањето зашто најчесто го користите одговорот беше за временските услови. На делот од прашањата каде што беше применето дали истражувате нови техники, нови технологии значајно мнозинство, некаде од 85 до 95 отсто не се занимаваат со таа дејност, вели Златковски.

Тој забележува дека земјоделциите не ги користат информациите од интернетот ниту за промоција на своите земјоделски производи. Сто отсто од анкетираните одговориле дека не го промовираат своето производство, а како што вели Златковски доказ е доколку некој сака да побара информација за произведувачи на домати во Македонија на интернет нема да излезе ниту една страна.

– Навиките кај нас, кај земјоделците не се насочени постојано сами да се унапредуваат. Ова се разбира дека не значи за сите. Меѓутоа значајното мнозинство, од нашите земјоделци се уште чекаат некој друг да преземе активности и да ги реши проблемите, рече Златковски.

Младите не ја сакаат мотиката

Резултатите од ова истражување ги потврдува и првиот човек на Асоцијацијата на земјоделците, Ефтим Шаклев. Забележува дека доколку се знае старосната граница на земјоделците не треба многу да се зборува, колку тие ги користат компјутерите и интернетот, за да ги добијат најновите информации ,што се практикуваат во другите поразвиени земји, во делот на земјоделството или сточарството.

– Ние навистина сакаме да ги користиме и интернетот и другите информации, новата технологија. Меѓутоа, нашите години не го дозволуваат тоа. Ако во фамилијата има некој помлад член, што може да ни направи услуга, ние сме благодарни. Знаете дека сега младите никој не сака од нив да остане на село. Старите родители остануваат и тие ја обработуваат земјата, додека младите или се во градот или во странство, сега тоа е најнов тренд и затоа немаат многу фајда, од интернетот и од вестите од интернет, вели Шаклев.

Младите не ја сакаат мотиката, па поради тоа, како што вели Шаклев постепено се намалуваат земјоделските површини, кои се обработуваат, а на пасишатата има се помалку стока.

– Ова е навистина голем проблем. Ние веќе почнавме сериозно да се соочуваме со недостиг на работна рака, веќе нема млади работници и не само што нема кој да не наследи, нас постарите земјоделци, туку ако треба и за некои полски работи, да се ангажира работна рака едноставно нема. На пример и во овчарството нема теорија веќе да се најде одгледувач на овци, иако месечните плати спрема нашите услови се прилично високи од 600 до 700 евра. Тоа за нас е добра плата. Но, заинтересирани нема. Секој ден имаме нови информации дека вработените, кои што веќе работат даваат отказ и одат во странство. Не само во земјоделството, тоа ќе се случи и во индустријата, рече Шаклев.

Причината за ваквата состојба во оваа гранка се гледа во тоа што не е профитабилна, па затоа според земјоделските здруженија селата стануваат пусти, без млади. Според академската фела во земјава има околу 179.000 земјоделци , бројка којашто е променлива.

Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството информатор за земјоделците

Македонските земјоделци се навикнале најновите информации да ги добиваат преку Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството. Но, како што вели Шаклев на возрасните земјоделци потребни им се информации за новите семенски материјали, ѓубрива, механизација, за што треба да се во тек и вработените од Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството.

– Вработените во Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството во последно време имаат една добра практика, што ги посетуваат селата и директно на лице место разговараат со земјоделците за проблемите со кои се соочуваат во процесот на производство, вели Шаклев.

Наспроти ова, земјоделскиот експерт Златковски вели дека во овој дел потребни се сериозни реформи од страна на државата. Но, во нив задолжително да се вклучат сите институции, земјоделци и академската фела.

– Земјоделството и руралниот развој или развојот на село се споменува само кога треба да се објави некој труд и тоа од кабинет. Истражувања директни на терен нема. Затоа и состојбата со селото е таква, каква што е. Тоа е огромно поле за работа. Со оглед на тоа дека земјоделците сами по себе се структура на население кои што согласно руралниот развој не се занимава само со земјоделство и земјоделски услуги. Туку треба да оставрува приходи и приноси и од други дисциплини како што се не земјоделски приходи, потоа приходи, кои се споредни, како што се шумарски приходи и да не ги редам сите други компоненти, кои што го чинат руралниот развој. Оттука на мислење сум дека е неопходно Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, заедно со академските институции во државата, значи сите не една институција во државата, мора да посвети внимание на развојот на оваа активност, вели Златковски.

Најголем дефицит од кадар има во сточарството, а во текот на летните месеци тешко е да се најдат сезонски работници, кои би го собрале родот од нивите. Земјоделскиот експерт Златковски забележува дека мора сите заеднички да работат на оваа тема, бидејќи како што вели тој доколку Македонија стане дел од ЕУ, земјоделството сериозно ќе ја заглави државата заради заостанатоста во поглед на заштитата на животната средина, примената на пестицидите, ѓубривата и се она што значи добра земјоделска пракса.


 

brif

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close