
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести
НЗМ – Поразителни состојби во македонскиот аграр
Иако тутунот останува стратешка гранка со огромен девизен прилив, незадоволството од понудените цени по класи, проценката на вага и крајната просечна откупна цена за реколтата 2026 е постојано присутна. Притисокот врз тутунопроизводителите се зголемува со потребата од итни измени во законските регулативи и потребата од поголема транспарентност од страна на откупните претпријатија истовремено поголема законска заштита на тутунопроизводителите
Националната земјоделска мрежа со анализа – Состојбата во македонскиот аграр е во исклучително комплексна и критична фаза.
Додека земјоделците се соочуваат со традиционалните предизвици како климатските промени и скапите репроматеријали, годинава се отворија сериозни фронтови во речиси сите клучни сектори каде незадоволството и револтот на терен се огромни.
Ако се направи детален пресек на состојбите по сектори и структурни проблеми, сликата е следна
– Криза со откупните цени, пазарна нестабилност и увозен притисок
– Градинарство во Струмички регион
Ова е една од најжешките точки. Откупот на пролетната зелка и компир доживеаја сериозен ценовен колапс. Цената на раниот компир драстично падна на околу 20 денари, па и пониско, што не ги покрива ниту основните трошоци за производство семе, ѓубрива, нафта.
Земјоделците се соочуваат со ситуација каде трудот им се обезвреднува, а домашниот пазар е блокиран од неконтролиран увоз.
– Производство на грозје
Тензиите се високи, особено во Тиквешијата. Лозарите веќе подолго време алармираат за ниските откупни цени на грозјето особено за сортите Вранец и Смедеревка кои не ја следат инфлацијата. Недостатокот на транспарентни калкулации од страна на винариите и доцнењето со исплатите создаваат револт и најави за радикални протести.
-Тутун
Иако тутунот останува стратешка гранка со огромен девизен прилив, незадоволството од понудените цени по класи, проценката на вага и крајната просечна откупна цена за реколтата 2026 е постојано присутна. Притисокот врз тутунопроизводителите се зголемува со потребата од итни измени во законските регулативи и потребата од поголема транспарентност од страна на откупните претпријатија истовремено поголема законска заштита на тутунопроизводителите
– Стратешките култури под удар Житарици и Оризопроизводство
Потфрлање кај житариците Пченица и јачмен Производството на лебно жито во Македонија се наоѓа во постојана егзистенцијална криза. Наместо да се стремиме кон прехранбена независност, домашното производство опаѓа. Најголемиот проблем за житопроизводителите е ниската и нерентабилна откупна цена, диктирана од евтиниот увоз на брашно и пченица од регионот. Кога на ова ќе се додадат високите цени на вештачките ѓубрива и нафтата, како и климатските шокови сушни периоди во клучни фази од вегетацијата, рентабилноста е под нулата. Складишните капацитети се несигурни, а мелничарите често ја диктираат играта во своја корист, оставајќи ги земјоделците во загуба.
Оризопроизводство Кочански регион Македонското бело злато го губи својот сјај поради системско игнорирање. Оризопроизводителите се соочуваат со огромни проблеми поврзани со високите трошоци за производство вода за наводнување, заштитни средства и репроматеријали наспроти екстремно ниските цени на оризовата арпа понудени од откупувачите.
– Дополнително, сериозен удар е катастрофалната и застарена водостопанска инфраструктура. Честите дефекти на каналите за наводнување, неконтролираното губење на вода и ненавременото пуштање на водата директно го загрозуваат приносот и квалитетот на оризот. Малите производители немаат пристап до современа механизација комбајни и сушари, што ги прави целосно зависни од преработувачите кои го уценуваат нивниот труд.
– Климатски непогоди и штети
Годинава беше сурова во поглед на временските неприлики. Доцните пролетни мразеви и градот десеткуваа големи површини под овоштарници, лозја, градинарски култури, но и засеани ниви во повеќе региони низ државата. Земјоделците се соочуваат со огромни загуби, а системот за проценка на штети од општините и исплатата на обесштетувања од државата се покажува како бавен, административно преоптоварен и неефикасен.
– Институционални и административни кочници
Доцнење со субвенциите Платежната агенција АФПЗРР и Министерството за земјоделство МЗШВ постојано се на мета на критики поради ненавремената исплата на директните плаќања и зелената нафта. Наместо парите да легнат на сметка тогаш кога се најпотребни пред сеидба, за време на жетва или при агротехнички мерки, земјоделците се принудени да влегуваат во долгови.
– Недостапност на ЕУ фондови за малите стопанства Иако се најавуваат милионски суми преку ИПАРД 3 програмата, критериумите се престроги и административно недостижни за малите, семејни земјоделски стопанства кои ја држат македонската економија. Најголемиот дел од колачот завршува кај големите агро комбинати, со што дополнително се продлабочува јазот.
Сточарство во изумирање
– Овчарството и говедарството се во сериозен пад. Бројот на грла овци и крави се намалува секоја година. Сточарите се притиснати меѓу ниските откупни цени на млекото и живата мера, од една страна, и прескапата сточна храна, од друга. Преминот кон високопродуктивни раси како Асаф или Аваси кај овците, или Симентал кај говедата е бавен и скап процес кој бара сериозна државна поддршка која во моментов е недоволна.
– Каде е излезот
Потребно е што поитно Земјоделските здруженија и независните мрежи погласно да се организираат и бараат системски промени, а не привремено гаснење пожари со парцијални мерки. Клучните барања на терен вклучуваат
Прецизно дефинирање и заштита на производната цена особено за стратешките култури како пченицата, оризот, тутунот и грозјето за да нема откуп под трошоците.
Комплетна реформа на системот за субвенционирање и негово врзување со остварено производство, со строги и законски обврзувачки рокови за исплата.
Реконструкција и модернизација на водостопанската мрежа системите за наводнување како клучен услов за опстанок на оризот и градинарството.
Формирање на Интервентен фонд кој брзо и ефикасно ќе реагира при пазарни шокови и природни катастрофи.
Олеснување на пристапот до фондови за малите земјоделци кои се рбетот на македонското село.
Без радикален и искрен пресврт во аграрната политика, македонскиот земјоделец останува оставен на милост и немилост на прекупците, увозните лобија и климата, што води кон масовно напуштање на нивите и иселување на младите од руралните средини.
Национална земјоделска мрежа




