Жителите на неколку Шарпланински села за Зелена Берза, потврдуваат дека дрвата се масакрирале и кога никој од дома не смеел да излегува, но за дрвокрадците како што велат, оваа одлука не важела.
-Па додека траеа полициските часови никој не смееше да излезе од дома. Бевме принудени да седиме дома. Тука во нашето село и така е тишина, но додека траеше полицискиот час беше уште поголема тишина, и тогаш спокојот го нарушуваа моторните пили кои ја соголуваа Шар Планина. Се јавувавме во полиција да ја спречи оваа нелегална сеча, но бадијала. Кога ова лето излеговме на терен да ја видиме состојбата видовме дека се сечела бесправно шумата, рече еден жител на Варвара.
И од планинарските клубови, велат дека сеча има, која и никогаш не престанала.
Поради дивата сеча, се губи туристичката атрактивност на природните предели на Шара
Од планинарските клубови, велат дека поранешните прекрасни пејсажи по кои се движеле додека оделе до некој врв повеќе ги нема. Опустошени се и исечени. Со голотија во некогашните прекрасни планински предели, не можеме да го развиеме туризмот, велат планинарите.
–И нели велиме дека сакаме да развиваме туризам, сега не можеме да развиваме таму туризам немаме убава патека, голотија имаме таму. Не можам јас таму да носам туристи и тоа да го видат. Можам да кажам еден пример со една планинарска патека над Варвара која ја маркиравме пред повеќе години заедно со жителите од месната заедница од Варвара, ја измаркиравме патеката иделна патека, јас немав оттука одамна поминато, во сред лето во таа шума беше пријатно за движење и после неколку години кога се качивме беше невиден масакр голотија, значи страшни глетки и тоа е недозволиво, тоа не треба да се случува. Долж патеките по кои планинариме се отвораат други патишта и ова влијае лошо на туристите.Ако се прогласи Шара за Национален парк сето ова се надеваме дека ќе се надмине. Мора планината да живее и шумата да се разретчува за да живее и да се обновува, но не гола сеча, мора се да се работи плански, рече Јован Божоновски од ПК Љуботен
Од Шумската полиција посочуваат дека за да се намали појавата на дрвокрадството, треба да се воведе реонска полиција односно шумските полицајци да се грижат за одредени реони на шумата, а тоа ќе бара и вработувања на повеќе полициски службеници. Во тој случај ќе има поголема контрола на теренот, за разлика од сега кога шумската полиција е патролна и во зависност од план програмата контролира одреден терен во одредени денови.
Зоран Димовски