Април годинава потопол од просечните многугодишни вредности
Највисоката максимална температура беше измерена на 14 април во Гевгелија и изнесуваше 30,7 °С.
Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во Република Северна Македонија, месец април годинава се карактеризира како многу топол и нормално врнежлив месец во споредба со многугодишните просечни вредности, информираат од УХМР.
Средномесечната температура изнесувала од 7,9°С во Лазарополе до 16,6°С во Гевгелија. Споредено со просечните априлски средномесечни температури, за триесетгодишен период (1991-2020), овогодинешната била 2,5 °С над просекот на ниво на држава.
– Највисоката максимална температура беше измерена на 14 април во Гевгелија и изнесуваше 30,7 °С. На територијата на државата во текот на месецот, од 5 до 16 ти беше забележен продор на топлотен бран. Забележена е појава на слаб мраз на повисоките места од 18-ти до 22-ри во месецот. Најниската минимална температура во текот на месецот беше измерена во Лазарополе, на 20 април и изнесуваше -3,1 °С, велат од УХМР.
Во месец април минатата година, месечната сума на врнежи во државата изнесувала од 26 mm во Демир Капија до 80 mm во Маврово.
-Врнежите беа од дожд и снег. Максимално дневно количество на врнежи од дожд 26 mm беше регистрирано во Берово на 18-ти, додека максимална снежна покривка од 9 cm беше измерена во Попова Шапка на 21-ви во месецот, нагласуваат од УХМР.
Споредено со априлската просечна вредност за многугодишен период (1991-2020), додаваат од Управата, измерената месечна сума на врнежи била околу просекот, на ниво на држава.