Автопатот Кичево – Охрид ќе се заврши до крајот на 2026 година
Решение за спорот со изведувачот на автопатот „Синохидро“ е најдено, како и за косините и свлечиштата кои во изминатиов период ја забавуваа и кочеа работата на терен.
Автопатот Кичево – Охрид ќе биде завршен до крајот на 2026 година, уверува министерот за транспорт и врски, Александар Николоски. Тој повтори дека решение за спорот со изведувачот на автопатот „Синохидро“ е најдено, како и за косините и свлечиштата кои во изминатиов период ја забавуваа и кочеа работата на терен.
„Синохидро“ се повлече од спорот против државата Македонија за изградбата на автопатот Кичево – Охрид. Николоски подвлекува таквата одлука е резултат на неговите разговори и преговори со кинеската компанија, со што на државата и се заштедени 50 милиони евра.
Тоа е арбитража која што ја има започнато подизведувач кон „Синохидро“, поврзан со имотно правни односи кои му оневозможиле непречено да работи, а потоа „Синохидро“ покрена спор кон државата.
– Со „Синохидро“ водевме интензивни разговори и постигнавме решение тие да се откажат од арбитражната постапка и со тоа да се заштеди 50 милиони евра пари од буџетот на државата, а тоа за земја како Македонија се многу пари – нагласи Николоски.
Во однос на техничките решенија со свлечиштата, министерот објасни дека се изнајдени две опции за санација на косините.
– Објективниот проблем е со состојбата со теренот на трасата кај што не се гледа, а тоа над Кичево до Дебрца и тука тој терен е многу проблематичен. Седнавме со изведувачот и побарав да прават што ќе прават, да најдат решение на модерен начин и да се заврши. Решенијата не се голема филозофија или ќе се оди со галерија, тоа е како тунел, не целосно затворање, тука само со покрив, или опција е само со шипови за стабилизација на косините и до крај на 2026 година автопатот ќе се заврши – истакна Николоски.