Бектеши се закани со укинување на царините за увоз на земјоделски производи ако трговците извезуваат прекумерно
Мерките кои до сега ги донесе Владата за ограничување на цените придонеле секое домаќинство да заштеди 2.070 денари, а со последната одлука за цените на пијалоците, тој износ ќе се зголеми на 2.400-2.500 денари, вели Бектеши
Министерството за економија би можело да предложи укинување на царинските давачки за увоз на земјоделски производи доколку трговците продолжат и натаму да ги извезуваат овие производи во голема мера и така да го нарушуваат домашниот пазар и да придонесуваат за зголемување на цените. Оваа предупредување го упати денес министерот за економија Крешник Бектеши кој покажа со прст кон несовесните трговци дека наместо да го снабдуваат домашниот пазар, приоритет ставиле на извозот. Тој нагласи дека целта на субвенциите кои што се слеваат во аграрот не е да се субвенционираат граѓани на други држави туку да придонесат за поголемо производство и пониски цени за домашните потрошувачи.
Инаку, според него, мерките кои до сега ги донесе Владата за ограничување на цените придонеле секое домаќинство да заштеди 2.070 денари, а со последната одлука за цените на пијалоците, тој износ ќе се зголеми на 2.400-2.500 денари.
„За трговците и тие кои го покриваат нашиот пазар и тие кои извезуваат имам една порака: Да не го имаат македонскиот пазар како резерва во делот на снабдување со овошје и зеленчук“, рече Бектеши.
Тој рече дека од јули до денес се забележува дека има зголемен извоз за одредени земјоделски производи, но тоа треба да биде во корелација со зголемено производство. Во одредени држави има недостиг на овие производи и наместо да го покриваат македонскиот пазар, трговците тие количини кои се произведени за нашиот пазар ги извезуваат.