вестиМакедонијаТоп вести

Бела чума го коси Прибилци, само старци и беќари

Осумдесет и пет годишниот Трајан Димовски од фамилијата Дуртановци е еден од најстарите жители на Прибилци. Трајан добро го служи помнењето, тој е селскиот гробар и како што вели, од 2002 година наваму погребал преку 40 свои соселани, а во селото од тогаш до сега се родиле само неколку деца.

Прибилци – Христијан Секуловски има 26 години и е еден од неколкуте млади луѓе кои останале да живеат во демирхисарското село Прибилци, се оженил и има семејство. Во селото  живеат околу 120 жители. Христијан за своите соселани вели дека се претежно старци или пак беќари, од 25 до 50 години, кои не се одлучиле да створат семејство, затоа пак „чупите“ совреме се мажат  и заминуваат од селото.

-Младите во селото се броиме на прсти, сите заминаа во странство, останаа беќари не оженети, ги има многу, не се решаваат за брак. Во селото тешко се живее, овде луѓето лебот го вадат од тутунот. Има и други земјоделски култури што се обработуваат, но помалку. А јас пак, работам земјоделие, имам околу 10 хектари под пипер, компир, жито, пченка, грав, само не садам тутун, зошто нема луѓе за аргати, а сама фамилија е тешко се да постигни. Инаку мештаните овде се работливи луѓе не се плашат од работа, сепак повеќе сакаат егзистенцијата да ја обезбедуваат по фабриките во Битола, вели Христијан.

Во Прибилци нема каде да побегнеш од самотијата

Живко Мирчевски, еден од повозрасните  жители на селото, вели дека помладите и работоспособните одат да работат по фабриките, селото е се попусто, па  едвај се наоѓа човек за разговор или пак да се испие чашка ракија.

-Нема со кого да се скараш во селото, ни за политика, ни за било што. Во селската продавница се собираме само мажи, вчера дојдов само јас и Трајан, жив човек нема. Навечер и да се собереме најмногу до пет души. Во зимата немавме ни продавница, немаше каде да се видиме. Вака единствено се собираме во продавницата, ќе помуабетиме и толку. Нема иднина, ни за Прибилци, ни за Демир Хисар, а како тргнало ни за државата. Овде ни куќа се прави, ни се продава, ниту пак некој купува, вели Живко, и се жали дека иако селото е пусто, меѓите и река Црна се’ повеќе се загадени.

-Порано народ имаше и не беше вака валкано и загадено, сега сегде ѓубре, реката полна со најлони, со пластика, а порано и вода пиевме и се капевме во Црна,вели Живко.

Осумдесет и пет годишниот Трајан  Димовски од родот на Дуртановци е еден од најстарите жители на Прибилци. Трајан  добро го служи помнењето, тој  е селскиот гробар и како што вели, од 2002  година наваму погребал преку 40 свои соселани, а во селото од тогаш до сега се родиле само неколку деца.

-За 18 години сум направил над 40 гробови, се изморив едно време, ми се смачи  и прекинав да одам по погреби, сега иако сум стар пак ме бараат, оти нема кој да ги закопа луѓето.  Арно сега комуналното доаѓа за погреби, јас само гробот го копам. Ќе дојде ден кога ќе нема кој да не закопа нас, последните селани. Ете тоа е вистината за Прибилци, вели Трајан.

Неговата фамилија кога се доселила од Бараково, биле дванаесетта  фамилија која дошла во Прибилци, своевремено ново прибежиште, каде од многу  села од демирхисарско се доселувале семејства и направиле куќи.

-Јас кога  бев мал во селото имаше 500 куќи и 4000 овци, а сега нема ни стотина куќа, и само шест овци. Јас ги чувам само заради тоа што од  дете сум со овците, така пораснав како момок, се присетува Трајан.

Прибилци опеано во народните песни

„Ја излези Ѓурго,

ја излези сестро на пенџере,

да ги видиш Ѓурго комитите,

како одат ред по редум, двет реда.

Напред оди Ѓурѓо, бајрактаро Јордан Пипрека.

Право одат за Прибилци кај мудуро,

да ја платат везијата тригодишна“.

 

Христијан не ги памети приказните за селото Прибилци, за Илинденската епопеја, за мудурот и војводата Јордан Пиперката опеани во народната песна „Ја излези Ѓурѓо“, но затоа пак неговите  повозрасни соселани со жар раскажуваат за времето на војводите и комитите од демирхисарско, за славната 1903 година. Во селото Прибилци во тоа време бил нахискиот центар каде живеел мудурот  (управник на област во турско време), кому селаните морале да му ја платат везијата (данокот).

-Татко ми и дедо ми Диме ми ги имаа раскажувано приказните за мудурот. Во тоа време селото било турско, а комитите биле со план да го нападнат мудурот кој живеел во денешното школо и неговиот имот се протегал од Прибилци до Жван, а имал и кула во Сапотница.

Селаните морале да му речат -Да си жив ага, за многу ти години, а тој им враќал:

-На сиџим синко(на бесилка).  Оние што не му кажувале на агата да е жив, децата до дома со камења го мавале, се присетува Трајан, накрај забележувајќи, што на шега, што од тага, дека селото толку брзо старее и се иселува што за кусо време ќе нема ниту кој да раскажува, ниту пак која да ги слуша приказните за Прибилци.

Анета Блажевска

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close