вестиВиноТоп вести

Бербата во Германија пропадна: Нема да има “ледено” вино

Германската берба на грозје за ледено вино – десертно и произведено од грозје кое во текот на зимата е замрзнато, прв пат не успеа затоа што зимата беше премногу топла.

 

BBC објави дека ниту еден од 13-те германски региони за лозарство немал температура од барем минус седум степени Целзиусови, потребни за производство на “ледено” вино, берба 2019 година.

Според националната администрација на САД за океани и воздух, 2019 година била втора најтопла година во светот од кога постојат податоци за тоа. Количината на произведено “ледено” вино се намалува во последните години.

„Оваа година ќе влезе во историјата на Германија како прва година во која ледената берба пропадна ширум земјата“, се вели во соопштението на германскиот институт за вино (DWI).

„Ако топлите зими продолжат и во наредните години, ледените вина од германските вински региони наскоро ќе станат уште поретки отколку што беа“, изјави Ернст Баскер од DWI.

Изминатата деценија се покажала како најтопла, а проблемот со производството на ледено вино е што во последните години можната “ледена берба” е се повеќе одложувана – за јануари и февруари, додека грозјето созревало се порано, објави DW.

Резултатот е дека грозјето некако треба да се сочува што е можно подолго на лозата. Најголемите пазари за ледено вино се Јапонија и Кина, скандинавските земји и САД.

Поради својствено ниските приноси на грозје, “ледените вина” имаат многу мал удел во вкупната берба, честопати помалку од 0,1 проценти, заклучува BBC.

Извор:Денар

Слични написи

Back to top button
Close