Бесими: Со Предлог-буџетот се создава амбиент за развој и на општините
Во насока на остварување на оваа цел во функција се Планот за забрзан економски раст
Постигнувањето на локален и регионален развој е една од клучните цели на Владата. Во насока на остварување на оваа цел во функција се Планот за забрзан економски раст, реформата за унапредување на фискалната децентрализација и Предлог-Буџетот за 2022 во којшто капиталните инвестиции изнесуваат 14 проценти од вкупните расходи, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на настанот посветен на финасирањето на инфраструктурни инвестиции за одржлив локален развој и економско закрепнување што го организираше УНДП.
Бесими посочи дека Предлог-буџетот е развоен со што се создава амбиент на развој на целата држава, а во тој контекст и на општините. Со реформата за унапредување на фискалната децетрализација, пак, се доделуваат повеќе средства за општините.
– Тоа се постигнува со зголемување на сегашните три проценти предвидени приходи за општините од данокот на личен доход на шест проценти и на стапката на дотација од ДДВ од 4,5 проценти на 6 проценти, коишто ќе се применуваат од 2024 година. До 2024 година предвидено е постепено зголемување на приходите од личниот данок на доход, така што процентот за 2022 година ќе изнесува 4 проценти, за 2023 година 5 проценти и ќе достигне 6 проценти во 2024 година, истакна Бесими.
Средствата од дополнителното зголемување на процентот на ДДВ за општините, како што појасни Бесими, ќе се распределуваат во два нови фонда – Фонд за перформанси (успешност) и Фонд за изеднaчување. Фондот за перформанси ќе ги награди општините што имаат подобра наплата на локалните приходи, додека Фондот за изедначување ќе делува во насока на намалување на разликите согласно фискалниот капацитет на општините.
Министерот посочи дека постигнувањето на локален и регионален развој се рефлектира и во Планот за забрзан економски раст.
– Во овие рамки ќе се формира и Фонд за локален и регионален развој чија намена е да ги поддржи локалните самоуправи и локалните и националните јавни претпријатија со цел проширување и развивање на локалната инфраструктура, обезбедување висококвалитетни локални јавни услуги и подобрување на локалното управување, потенцира Бесими.
Капиталот за Фондот ќе биде обезбеден од средства на централниот буџет и ќе биде надополнет со средства од комерцијалните банки, официјални кредитори и донатори за да се обезбедат дополнителни финансии за локални и регионални инвестиции и развојни проекти.https://nezavisen.mk/besimi-so-predlog-budzhetot-se-sozdava-ambient-za-razvoj-i-na-opshtinite/